ФУДБАЛ ВО МАРИОВО

ivce1Грешки се можни насекаде. И во говорни емисии и во пишани текстови. И во учебници и во книги од белетристиката. Насекаде. И тоа е, би се рекло, нормално. Можно е грешките да бидат јазични, но можно е да бидат печатни, технички. Со малку поголемо внимание може да се насети како и зошто е направена грешката. Во книгите, се препознаваат грешките на авторот или на преведувачот, а се препознаваат и оние кои се од технички карактер и кои ги направиле оние кои ја оформувале книгата. Не знаеме какви служби постојат. Веројатно – лектори, коректори, технички уредници и којзнае уште што.

Зачудува тоа, кога ќе најдеме (многу) грешки во текстовите од Блаже Конески. Не дека тој е безгрешен, не дека нему не може да му се поткрадне понекоја грешка. Не. Но, во неговите прозни текстови среќаваме грешки за кои со сигурност можеме да тврдиме дека тој не би ги направил. Постојат правила кои тој во својата Граматика детално ги објаснува, а во неговите книги тоа не е така. Еве една реченица од Граматиката: “Во цел ред денешни прилози имаме заправо остатоци од некогашните падежни форми”. Потоа се наброени повеќе такви зборови, меѓу кои и – НАЗЕМИ, ПОЗЕМИ, НАПЛАДНЕ и други. Еве го прилогот – НАЗЕМИ (тоа е всушност некогашното НА ЗЕМЉИ). Ваквите прилози се пишуваат слеано, а не одделно, не – НА ЗЕМИ. А во многу текстови од Блаже Конески, на многу места пишува токму така, – НА ЗЕМИ. Тоа значи дека некој друг ја направил грешката при печатењето на книгата. Ако се напише (како што е напишано) НА ЗЕМИ, се менува веќе смислата. Зборот ЗЕМИ веќе не значи земја, туку глагол во императивна форма. Може да се употреби и литературната форма НА ЗЕМЈА, но тоа е друга работа. Ако се употреби прилогот НАЗЕМИ, тогаш тој се пишува слеано, како што објаснува и Конески. Но, во неговите книги не е така. Ќе приведеме уште еден случај каде некој се дрзнал да го “коригира” Конески. Во еден негов расказ, една реченица гласи: “Магарињата ги јавале наголо, без самар”. Заправо, треба да пишува така, но таму е напишано дека ги јавале НА ГОЛО, одделно. А во Граматиката и тоа е објаснето. Објаснето е дека тоа се сложени прилози и се пишуваат заедно и наведува многу примери – НАДОЛГО, НАНИСКО, НАСЕКАДЕ, па според тоа и НАГОЛО треба да се пишува слеано, а не разделено. Но, еве излегува дека Конески се демантира самиот себе! Тој што ги направил овие грешки заслужува голема осуда.

При многуте вакви грешки, каде се препознава дека не се од авторот, ќе набележиме уште една. Во романот на Стале Попов “Крпен живот” се спомнува зборот СИНДРАК. Се разбира погрешно. Треба да биде СИНДАРАК, а не СИНДРАК. Да е направена само на едно место, ќе помислевме дека е случајна, печатна грешка. Но, таа се повторува. Значи, некој мислел дека така треба. За што станува збор? Извесен поп сака да го жени синот за мома која тој не ја сака. Синот вели дека тоа нема да биде. Попот, нервозно: “Е ќе биде бре СИНДРАК”!

На крајот од романот има список на помалку познати зборови. Одбележан е и зборот СИНДРАК со објаснение дека тоа значи син. Уште еднаш велиме дека треба СИНДАРАК, а не СИНДРАК. Но тој збор го нема истото значење како СИН. Попот можел да рече – “Ќе биде бре СИНКО”, но тој не вели СИНКО, туку СИНДАРАК. Зборот СИНДАРАК содржи и навредлива нијанса, па дури и пцост. Повеќе е сличен со изразот – СИНКО МАЈЧИН, отколку со СИНКО. Подзаборавен е овој збор, веќе застарен. Ретко се слуша сега, а некогаш старите го употребуваа често. Таму, во “Крпен живот” врие од вакви грешки. Таму се спомнува и зборот ФУДУЛ (турцизам) кој се употребува за човек кој се крева на големо, кој е горделив, големџија. Па таму, на едно место наместо ФУДУЛ напишано е ФУДБАЛ.

Во времето за кое се зборува во романот фудбалот уште не беше измислен, но еве некој го демантира тоа. Ни кажува дека мариовците знаеле за него уште пред Англичаните.

Благоја Ивчески

Loading