ПУСИЈА

ivce1Токму така! Се чекаше избирањето на Специјален јавен обвинител во Македонија. Го очекуваа тоа сите граѓани. Со посебен интерес го очекуваа медиумите. Се случи тоа. И одеднаш сите медиуми, како на пусија, како од заседа, како со рафална стрелба го објавија изборот. И сите погрешно. Отсекаде чувме и прочитавме: “Се избра специјална јавна обвинителка”. Никој не се сетил, никој не размислил, никому не му текнало, никој лектор не интервенирал. Никој не се сетил дека постојат такви именки што се употребуваат за двата пола во формата од машки род. Не е важно дали е извршителот маж или жена. Еве, да ги потсетиме нашиве новинари и нашиве лектори. Во книгата од Благоја Корубин “Јазикот наш денешен” (книга прва) на страницата 84 убаво е тоа објаснето. Ќе цитираме: “Има доста именки во нашиот јазик, како и во други јазици, што се употребуваат за двата пола во формата за машки род. Тоа се обично такви именки кои означуваат некаква должност, функција, професија и слично. На пример: Министер, претседател, претседавач, началник итн”. За да не цитираме повеќе, ќе прокоментираме. Корубин објаснува дека кога се обраќаме на лицето кое врши таква должност, на пример – ПРЕТСЕДАВАЧ, ќе речеме ГОСПОЃО ПРЕТСЕДАВАЧ, а не ГОСПОЃО ПРЕТСЕДАВАЧКЕ. Има многу такви примери. Кога има избори за претседател на државата, сите знаеме дека се тоа избори за претседател, без разлика што за таа функција може да биде избрана и жена. И нејзе ќе ѝ се обраќаме (треба да ѝ се обраќаме) – ГОСПОЃО ПРЕТСЕДАТЕЛ, а не ГОСПОЃО ПРЕТСЕДАТЕЛКЕ. Сосема е ист случајот за кој зборуваме. Во Македонија се избра Специјален јавен обвинител, а не Специјална јавна обвинителка. Многу, многу често ги слушаме ваквите грешки.

За да го потврдиме сево ова, ќе земеме и еден друг пример. Нѝ падна на ум именката РЕГЕНТ. А што значи тоа? Регент е лице назначено да ја води државата бидејќи монархот е или малечок или отсутен или неспособен. Токму така е објаснето во Речникот на Зозе Мургоски. Значи, РЕГЕНТ може да се назначи и тогаш кога е МОНАРХОТ малолетен. Внимавајте, ако е МОНАРХОТ малолетен. Значи, ако е дете, а дете е именка од среден род. Но ние во никој случај не би рекле – Ако е МОНАРХЧЕТО малолетно. Значи, иако е дете, именката МОНАРХ си останува во машки род. Што е тоа што нé тера нас во погрешна насока? Сите медиуми, без исклучок, како отпушка – СПЕЦИЈАЛНА ЈАВНА ОБВИНИТЕЛКА.

А госпоѓата Специјален јавен обвинител, уште неседната во фотелјата ги направи истите грешки што ги слушаме редовно. Таа вели дека сега е сама, но дека ќе биде со својот тим позади себе за еден месец. И тогаш ќе ги преземе сите обврски. За погрешната употреба на предлогот ЗА (наместо ПО) слушаме редовно. Сме чуле и сме пишувале дури и за ваков апсурд: “Македонија ќе добие влада за 2 месеца”. А зошто ѝ е таква влада за 2 месеца? Целта беше да се каже дека Македонија ќе добие влада ПО 2 месеца, а не ЗА 2 месеца. Така и госпоѓата Јавен обвинител. Таа ќе ги има своите соработници ПО еден месец, а не ЗА еден месец. Таа, (како и многу новинари) употребува прилог ПОЗАДИ. Грешка! Треба да каже дека ќе биде со својот тим ЗАД себе, а не ПОЗАДИ себе. Освен тоа, таа вели дека ќе ги ПРЕВЗЕМЕ сите обврски. Ќе ги ПРЕЗЕМЕ обврските, а не ќе ги ПРЕВЗЕМЕ. Нашиот глагол е ЗЕМА, а не ВЗЕМА.

Јазичните грешки создаваат (треба да создаваат) определен револт. Некои повеќе некои помалку. Но, којзнае зошто, овој случај нам лично нѝ создаде поголем гнев отколку обично. Толку многу грешки, толку многу нарушувања на јазичните норми, таква негрижа за јазикот!!! Таква неодговорност!!!

Не можат да ни помогнат ни десет СПЕЦИЈАЛНИ ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ.

Loading