НЕПОКОР И ПРОСПЕРИТЕТ ЗА ПРОСТУМЕЊЕ

Одбележан 3 -ти Ноември – Денот на ослободувањето

Tretonoemvriski lavri za Grabuloski i BlazeskaГордо и достоинствено како што му приличи на град првоборец, Прилеп ја одбележа 71 годишнината од ослободувањето. Херојски Прилеп од кој почнало востанието, и дал 650 жртви, 15 народни херои и бројни дејци за независна и слободна Македонија, денеска го продолжува непокорот со економски раст, со отворање нови работни места и создавање подобри услови за просперитет на граѓаните. Со незаборав кон втемелувачите на слободата, со должна благодарност се поклонија градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на Советот м-р Никола Димески. Воедно и делегации на локалната самоуправа, на борците, на здруженија на граѓани и политички партии, положија цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто и на Кузман Јосифоски, како и на Могилата на непобедените и пред споменикот во месноста Песјобрдце каде што се одвивале завршните борби за ослободувањето на градот на 3 ноември 1944 година.

На свечената седница на Советот на општината, на заслужните прилепчани и институции им беа доделени Третоноемвриските награди. Наградата за животно дело годинава ја добија академските скулптори, брачната двојка Богдан Грабулоски и Виолета Блажеска за 40 години уметничко творештво и развој на ликовната уметност во градот.

За значајни достигнувања во работењето со плакети „3 Ноември” беа наградени: Дирекцијата на ТИРЗ, Здружението на инвалидски пензионери, Институтот за тутун, ОУ „Кире Гаврилоски-Јане’’, Канал Визија, Салида, Здружението за ридско-планински активности, рокенрол и добра чашка ,,Велосипед 2015’’, ЈЗУ Здравствен дом, Фурна Алекс, СОЕПТУ ,,Кузман Јосифоски-Питу’’, РК Прилеп. Наградите – дипломи им беа доделени на Неждет Мустафа, министер без ресор и национален координатор на декадата на Ромите, Лилјана Ѓорѓиоска – активист и ентузијаст во здружението „Преродба”, Димко Спиркоски – прв професионален пилот и промотор на воздухопловните дисциплини, Благоја Костоски – Чакра за долгогодишна активност во планинарското спортско здружение Козјак, клучарот Методија Ѓуроски – Цако и берберот Петар Јованоски – Калинче за придонес во развојот и зачувувањето на занаетчиството.          

Во чест на празникот на градот, на Патеката на славните беа откриени ѕвездите со имињата на актерот Благоја Спиркоски Џумерко и на музичарот Илија Јанчулески.

Во присуство на министерот без ресор Неждет Мустафа, во населбата Тризла свечено беше пуштена улицата Ердован Шабановски во должина од 350 метри, а финансирана од проектот декада за Ромите.

Беше промовирано и печатеното издание на монографијата “Прилеп – милениумско пулсирање 1014-2014” на 600 страници  кога пред илјада години за прв пат градов во пишаните документи бил спомнат како Прилапон.

Ретроспективна изложба на прилепскиот академик Боро Митриќески беше отворена во галеријата на ЦК „Марко Цепенков”. 

По повод 3-ти Ноември, на плоштадот Методија Андонов Ченто се постави споменикот на Крал Марко висок 5 метри, излеан во бронза и е дело на скулпторот Војдан Запров. 

Loading