Третото доба го открива Мариово

korzoПензионерите од месната заедница Гоце Делчев уживаа во убавините на Мариово на еднодневна екскурзија. Очите ги плакнеа во богатството на едно од петте најстари духовни светилишта во Македонија, црквата Св. Никола во селото Манастир. За здравје запалија свеќи, додека монахот ги запозна со историјата на храмот. Со поглед кон недопреното Мариово, минаа дел од денот и во манастирот Св. Илија пред селото Витолиште. На широко отворените манастирски порти ги пречекаа љубезни домаќини, кои живеат во Скопје, а лете се грижат за одржување на духовниот храм. Откривањето на дел од раскошот на Мариово заврши со песна и оро, подржувани од звуците на хармоника и тарамбука.

Луѓе во поодминати години не ја криеја радоста што барем еден ден ги оставија грижите што ги оптоваруваат. Имаа пријатно и незаборавно доживување, особено оние кои дел од животот го поминале во овие краишта. Згора на сета убавина, се зближија и се спријателија, негувајќи надеж пак да прошетаат на друг дел од околината на градот, продолжувајќи го животот и одржувајќи го здравјето.

Пензионерите од Корзо во свој клуб

Здружението на пензионери успеа да откупи простор за разгранокот Корзо. Наскоро ќе биде уреден со нова опрема за да биде адекватен на потребите на неколку стотините пензионери.

Просторот од шеесетина м2 е купен од ЈП за стопанисување со деловен простор на електронска аукција за околу 28 илјади евра.  Пензионерите се собираа во соба од 16 м2, а Здружението плаќаше кирија и други трошоци.

– Со расположливите финансиски можности секоја година опремуваме и отвораме по еден клуб за разграноците во Прилеп и селата. Планираме в година да обезбедиме простор за варошките пензионери и за Центар – вели претседателот Кирил Ѓорѓиоски.

Досега се отворени и опремени десет клубови во градот и во селата Кривогаштани, Тополчани и Долнени.

Loading