КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА СПОРТСКА САЛА

Премиерот Никола Груевски во Општина Кривогаштани

krivogastani“Спортската сала што ќе се  гради во ОУ “Манчу Матак” во Кривогаштани, на површина од 650 метри квадратни, а за која Владата издвои 24 милиони денари, ќе биде опремена со најмодерна спортска опрема, посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности и ќе биде оспособена да се користи за повеќе спортови. По нејзината изградба ќе и биде отстапена на општина Кривогаштани”. Ова го најави премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен темелникот. Изградбата на салата е дел од големиот проект на Владата за изградба на 145 училишни спортски сали низ Македонија во чии рамки досега се изградените 47, за кои се инвестирани околу 23 милиони евра со што се подобрени условите за околу 40.000 ученици. Со овој проект, но и со проектот за изградба на 35 големи спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени, полека се менува спортската слика за Македонија.

– Голем број млади ќе спортуваат во вистински услови. Тоа ќе донесе напредок во голем број спортови и висок резултат, со кој ќе се радува цела Македонија. Покрај спортските успеси, салите се значајни за рекреација и физичкиот развој на децата, за нивно насочување кон спортот и здравиот начин на живот, наместо кон пороците. Преку спортот се гради и личноста и се учи да се победува, но и како да се загуби и како потоа да се направат уште подобри подготовки за наредни натпревари. Се учи како да се респектира противникот, затоа што тоа е првата лекција како понатаму да се победи – истакна Никола Груевски, Претседател на Владата на поставувањето на камен темелникот.

Објектот ќе биде изграден од енергетски ефикасни материјали и на вкупна површина од 650 м2. Ќе има гардеробери, санитарни јазли, најсовремена опрема за спортување, простории за сместување на спортските реквизити и посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности.

– Учениците и наставници од ова училиште, коешто исто така, благодарение на заложбите на локалната самоуправа неодамна е реконструирано, во многу скоро време ќе продолжат на достоинствен начин да ги одржуваат часовите по предметот спорт и спортски активности. Ќе можат да ги одмеруваат силите во кошарка, одбојка, фудбал, ракомет, гимнастика, пинг понг и така натаму. Салата ќе биде достапна и за спортските рекреативци од овој крај, на кои им недостасуваше спортски објект од ваков тип. Парите во износ од 24 милиони денари се обезбедени од Буџетот и Банката за развој при Советот на Европа – рече Елизабета Тодоровска, државен секретар за образование.

zatkoskiГрадоначалникот на Кривогаштани, Тони Заткоски, истакна дека изградбата на спортската сала многу ќе значи за идните генерации.

– Таа ќе биде од големо значење за младата популација, оти сме ретка општина која во континуитет минативе неколку години, има зголемен наталитет за 30 проценти – рече Заткоски, градоналчалник на Кривогаштани.

Со помош на Владата реализирани се и други проекти во општината. Со околу 150.000 долари е реконструирано училиштето “Манчу Матак”. Во неговите рамки е изградена и градинка да им се излезе во пресрет на барањето на родтителите со мали деца. Во завршна фаза е градбата на повеќенаменското спортско игралиште во Кривогаштани. Вложувањето е 150.000 евра. Издвоени се 50.000 евра за реконструкција на училиштето во Годивље. Се инвестира во опрема за училиштето во Славеј како и за комплетна реконструкција на училиштето во Обршани.

Во здравството се одвоени 3 милиони денари. Првпат, во 40 години, се реконструираше и амбулантата во Кривогаштани. Се одвоија и 1,2 милиони денари и се изгради пункт за Итна медицинска помош. Пунктот е готов, се чека само инвентар и да се вработи персоналот наскоро да започне со работа. Се финализира градбата на сточниот пазар. Инвестицијата е 200.000 евра, со што ќе се добие најмодерниот ваков пазар не само во Македонија, туку и пошироко. Заврши реконструкцијата на патот Кореница – Годивље, за кој се вложија 6 милиони денари. При крајот на годинава ќе се обновува патот Кривогаштани – Обршани – Воѓани, вредна милион евра. Се издвоија 6 милиони денари за подготовка на урбанистички планови за сите населени места и се отвори простор за развој. Кон крајот на годинава ќе се гради Центар за ран детски развој во Обршани и ќе се осветли регионалниот пат кај Славеј, проект вреден 3 милиони денари. Ќе започне со градба на канализациските системи во Крушеани и Славеј. Дополнителни 260.000 евра се насочени за реконструкција на општинската зграда, изградба на зелен пазар и комплетна замена на уличното осветлување. Сите проекти се доказ за поддршка што кривогаштанскиот регион ја има од Владата. 

Loading