НЕ ОКВИРИ ТУКУ РАМКИ

ivce1Му затребуваат на човека разни работи. Таков беше и нашиов случај. Докторот (ката) ни препорача да носиме очила и за читање и за далеку гледање. Добро! Значи треба да се купуваат очила. Влегуваме во продавница за оптички помагала. Не пречекува пријатно и учтиво момче. Го прашуваме, го распрашуваме за повеќе работи. За цената, за времето кога ќе бидат готови и воопшто за сите услови. Објаснува момчето: “Стаклата ќе бидат онакви какви што пишал докторот, а оквирите ќе си ги одберете самиот”. Така објаснува момчето и ни покажува на многуте рамки. “Еве има разни оквири и поевтини и поскапи”. Прашуваме, препрашуваме, божем не ни е јасно и чекавме да видиме дали ќе го повторува и понатаму зборот ОКВИРИ. Да, уште многупати го повтори тој збор. Дури и тогаш кога го прашувавме за некои конкретни РАМКИ, тој одговараше дека цената на тие ОКВИРИ е толку и толку. Го прашавме зошто ги вика ОКВИРИ, а не РАМКИ? Момчето малку се вомјази и вели дека тоа е исто. “Не, не е исто, – му велиме. – Нашиот збор е РАМКИ, а не ОКВИРИ”. Момчето не одговори ништо.

Ова нé натера да провериме дали насекаде, во сите продавници ги викаат така. Влеговме, по случаен избор, во друга продавница за очила. И таму љубезно нé пречека млад човек. Му ги поставуваме истите претходни прашања. Одговорот, речиси, ист. Одговара човекот дека цената на стаклата зависи од диоптријата, а цените на ОКВИРИТЕ се различни, од најевтини до најскапи. Зависи какви ОКВИРИ ќе одбере човек. Добро! Не прокоментиравме ништо. Се заблагодаривме за информациите и излеговме.

Влегуваме во трета продавница. И таму како и досега. Тивко момче објаснува. Вели дека ако причекаме, наредниве денови очекувале нови ОКВИРИ. Изборот ќе бидел побогат. Значи, и тука ОКВИРИ! Ние го спомнавме и зборот РАМКИ во разговорот, но тоа за момчето не значеше ништо. Тој и натаму си ги вика ОКВИРИ. Воопшто и не помислува, ниту пак знае дека прави грешка. Излеговме и продолживме понатаму. Влегуваме на четврто место, а воопшто не помислуваме дека токму тука ќе бидеме пријатно изненадени. Не пречекува мошне љубезна госпоѓа. И го објаснуваме случајот, дека ни требаат очила, па нé интересираат условите. Госпоѓата ни го бара ливчето (упатот) од докторот за да види какви очила треба. Вели дека цената зависела од диоптерот. А според стаклата, ќе се определеле и РАМКИТЕ, зашто не можело секое стакло да се напасува на секоја РАМКА. Дебелината на стаклата била различна. И рековме дека не го носиме ливчето од докторот. Ние го носевме, но сега нé не интересираше ништо друго, туку само тоа, дали и овде ќе го чуеме зборот ОКВИРИ. За наше задоволство, госпоѓата повеќепати го повтори зборот РАМКИ, а ниту еднаш не рече ОКВИРИ. Заклучивме дека нејзе и е јасно, оти треба така, дека нашиот збор е РАМКИ, а не ОКВИРИ.

Зошто нашиве луѓе употребуваат туѓи зборови, кога имаме наши?! А многу често и тогаш кога ќе ги употребат, прават грешки. Испуштањето на членот (сме пишувале многупати) стана редовна и опасна појава. Слушаме такви грешки редовно, од сите телевизии. Се разбира, сето тоа е диктирано од скопскиот говор. Колку пати сме слушале да се вели за некој проблем дека ќе се решел во РАМКИ на законот? Колку пати сме слушале да се вели дека некој закон бил погрешен, дека не бил во РАМКИ на уставот? Сме ги слушале партиските лидери и градоначалниците кои велат дека во РАМКИ на нивната програма ќе се градело тоа и тоа. Зошто никој не се сеќава дека треба – ВО РАМКИТЕ на Законот, ВО РАМКИТЕ на Уставот, ВО РАМКИТЕ на програмата? Секаде зборот РАМКИ треба да биде членуван. А од политичар сме слушнале да вели “Во оквир на законот”. Тоа е веќе капак на сé.

Исправка: Во минатиот број, насловот на рубриката требаше да гласи „ПРВУТ, А НЕ ПЕРУТ“. Им се извинуваме на авторот и на читателите за ненамерната грешка.                                        

Loading