КЛИСУРИТЕ ФАРИШКА И ДРЕНОВСКА ВО ПРВАТА ФАЗА

Изградба на патот Прилеп – Градско според планираното

Ќе се експроприра земјиштето на кое ќе се гради експресниот пат Прилеп – Градско. Во ноември Европската банка за обнова и развој треба да ги одобри средствата за изградба на првата делница, најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

– Завршена е изработката на проектите, а пред еден месец беше завршен и усвоен и инфраструктурниот проект. Претходно се пренамени земјоделското во градежно земјиште. Се создаваат услови за почеток на градба на делниците од Прилеп до Градско – рече Јанакиески.

Градбата ќе се одвива во три фази. Првата опфаќа 11 километри и двете клисури Фаришка и Дреновска.

– Тоа е инвестиција од околу 44 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Средствата за оваа делница треба да бидат обезбедени во текот на ноември. Во првата половина од 2015 година да се распише повикот и потоа да почне градбата – рече министерот Јанакиески.

Втората делница, од Градско до клучката во Кавадарци, во должина од 15 километри, е инвестиција од 32 милиони евра.

– Овој проект е веќе дел од Оперативната програма 2014 – 2020 година. Побаравме 32 милиони евра од ИПА.  Очекуваме некаде во 2016 година да започне изградбата земајќи предвид како одат процедурите и роковите кога се користат европски средства – појасни министерот Јанакиески.

Останатиот дел или третата делница е инвестиција од околу 6 милиони евра кои ќе се финансираат од средства од буџетот на ЈП за државни патишта за периодот 2016 – 2017 година. Јанакиески најави дека целиот пат треба да биде изграден најдоцна до 2018 година.

Loading