“МАЖОТ Е МАЖ” КОПРОДУКЦИСКИ ПРОЕКТ СО МНОГУ МУЗИКА

Нова премиера под водство на Мартин Кочовски

“Мажот е маж” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски е новата претстава со поголем дел од нашите актери, што премиерно ќе биде прикажана на 15 октомври во Битола. Станува збор за копродукција со Мал драмски театар од Битола и фестивалите Експонто од Словенија и Враца од Бугарија.

– Текстот е многу интересен, бидејќи е пацифистички, односно антивоен. Војната секогаш е актуелна, бидејќи светот никогаш не е мирен, постојано во некој дел има борби. Логичен избор е Брехт. Целата претстава е со концепт, ќе има многу пеење и секое движење ќе произведува звук. Ја нарековме претстава инспирирана од антропологијата на касарната, театарската лага и убавите жени – вели Кочовски.

Кочовски добро се знае со нашите актери и затоа бил логичен изборот тие да бидат дел од новиот проект.

– Имаме сличен сензибилитет, едно сме, најпрво, а второ, одлични актери се. Нема подобри за оваа претстава – додава Кочовски.

Играат Андон Јованоски, Владимир Ѓорѓиевски, Наташа Наумоска,  Димитар Црцороски, Илија Волчески и Катерина Чакмакоска од нашиот театар и Здравко Стојмиров и Сандра Григоска. Автор на сценографијата е Филип Јовановски, на музиката Оливер Јосифоски, а кореограф е Јана Менгер од Словенија. 

Loading