И БЕШЕ ФЕСТИВАЛ

ivce1Беше фестивал! Наш! Македонски – најмакедонски. МАКФЕСТ! Се под знакот на придавката македонски. Во некои нешта дури и премакедонски. Спектакуларно! Гламурозно! Само две нешта беа, некако, непара македонски – наградите и јазикот на водителот, церемонијал-мајсторот. Наградите, уф!!! Не македонски, не европски туку светски. Ако, нека знае светот колку ја сакаме музиката ние Македонците. Свириме, пееме, а кој го прави тоа зло не мисли, нели така?!

Го споменуваме јазикот, особено оној на церемонијал-мајсторот. Е, јазикот, непара македонски. А каков? Можеме да речеме македонско – скопско – битпазарски. Не можеме да ги забележиме сите грешки. Но, и оние што ги нотиравме не беа малку. Најпрво ќе ги наброиме а потоа ќе ги прокоментираме.

– Да те прати оркестар.

– Што за Штип значи Макфест?

– Финале во сабота.

-Ви благодарам за вечерашниот разговор.

– Кафана.

– Еве го позади тебе!

-Овој пејач малте не, се расплака.

– Ќе збориме.

– Пошто сме многу среќни.

Мислевме дека ќе ги набележиме сите регистрирани грешки, но се откажавме. Доста се и овие. Немаме повеќе простор. Ако се има предвид дека сите се повторуваа многупати, тогаш, навистина се многу.

– Да те ПРАТИ оркестар.

Водителот повеќепати ја повтори оваа грешка. Уште не му станало јасно дека глаголот ПРАТИ во нашиот јазик значи сосема нешто друго (прати писмо, прати поздрав). Во случајов треба да се рече “Да те ПРИДРУЖУВА оркестар”.

– Што за Штип значи Макфест?

Многу честа грешка. Не се знае дека во македонскиот јазик веднаш по прашалниот збор треба да дојде глаголот – “Што значи за Штип Макфест” или “Што значи Макфест за Штип”.

– Финале во сабота.

Скопски деформитет кој за жал се калеми на сите македонски медиуми. Овде станува збор за тоа дека финалето ќе биде В САБОТА, првата наредна. Вака, како што вели водителот се подразбира дека финалето ќе биде ВО САБОТА, во секоја сабота.

– КАФАНА!

Повеќепати повторена грешка. А толку е едноставно. Именката е КАФЕ, од неа се изведува именка КАФЕАНА.

– Ви благодарам за ВЕЧЕРАШНИОТ разговор.

Не може тоа. Разговорот речиси уште трае а тој вели ВЕЧЕРАШНИОТ. Прилогот ВЕЧЕРАШНИОВ како да е заборавен.

– Еве го ПОЗАДИ тебе.

Немаме ние прилог ПОЗАДИ или СПРЕДА. Кај нас тоа е ОДЗАДИ или ОТСПРЕДИ. Во случајов – “Еве го ЗАД ТЕБЕ”, никако ПОЗАДИ.

– Овој пејач МАЛТЕ НЕ се расплака.

Каде ли го најде тоа МАЛТЕ НЕ? Можеше да рече дека пејачот за малку ќе се расплачел, дека штотуку се расплакал, или речиси се расплака. Може и поинаку, но никако не МАЛТЕ НЕ.  

– Пошто сме многу среќни.

Зборот ПОШТО го нема во нашиот јазик. Може да биде “БИДЕЈЌИ сме среќни”, “ЗАТОА ШТО сме среќни”, “ЗАШТО сме среќни”. ПОШТО не смее во никаков случај.

Рековме дека се откажавме од намерата да ги забележуваме сите грешки. Овие што ги споменавме се повторуваа безброј пати. А, треба да го набележиме и сосема погрешното акцентирање, кое веќе претставува посебна опасност за нашиот јазик.

Церемонијал-мајсторот во еден момент пројави и грижа за македонскиот јазик. Во една од песните се спомнуваше придавката СПРЕМЕН. Водителот и обрна внимание на интерпретаторката дека на македонски јазик требало да се рече ПОДГОТВЕН. Со тоа тој направи уште една грешка. А таа грешка, за чудо, ја слушаме многу често и од многу места. СПРЕМЕН значи ГОТОВ (решен), а не ПОДГОТВЕН. Со ПОДГОТВЕН се преведува српскиот збор ПРИПРЕМЉЕН. ПОДГОТВЕН е оној кој одел на подготовки (студент, спортист), а ГОТОВ е оној што има донесено дефинитивно решение за некој проблем, за некоја намера, за некој потфат.

И така, заврши фестивалот. Македонскиот. Најмакедонскиот! Пофалби, признанија! А тој, кутриот македонски јазик, како да е сираче. За него никој ни збор. Ни пофалба ни покуда.

Благоја Ивчески

Loading