Сашо Богданоски – тревар, агроном
– Со љубов се одзема растение од природата, која враќа со лек
– Познат е по откривањето на лековитите својства за многу болести на тревката, гаваз
Луѓето сé повеќе веруваат во лековитата моќ на билките. Не ги исклучуваат хемиските лекови. Маката ги тера да трагаат по илач. Затоа користат алтернативи за лекување со чаеви и други растителни, природни мешавини по различни рецепти. Според искуствата, многумина виделе себап.
Тоа го потврдува Сашо Богданоски. Повеќе од 40 години е посветен на собирањето билки и приготвувањето разни лекови. Дипломираниот агроном од некогашниот ЗИК Прилеп ги засакал лековитите растенија. Колку повеќе ги откривал, сé повеќе низ глава му се “вртела” нивната лековита моќ. Академското знаење му помогнало да ги запознае по “име и презиме”, навлегувајќи во сржта на латинскиот назив, во кој го носат она што го “работат”. Дури тргнал такаречи попрофесионално да ги осознава, совладувајќи ги нивните хемиски содржини.
Посебно го привлекувал марифетот за подготовка на лек од билки. Првин ги “демистифицирал” чаевите од разни билки, а потоа “напреднал”. Сега приготвува и лек од билките во вид на екстракт, етерично масло, тинктура, маст, зависно од тоа во која состојба билката е најлековита. Со колекција од 200-300 дарови од природата “удобно” распостелени во неговата “вила” им се најдува при рака на многу луѓе. Им ја смирува душата и им го “најдува” лекот за потешките болести, како карциномот, остеопорозата, соријазата, за кои често се бара помош кај него.
– Фито-терапијата како алтернатива “пронајде” пат да го продолжи векот на човекот, покрај хемиските лекови. Специјализација нема како кај докторите. Се занимавам со сите билки што ги познавам. И им помагам на луѓето за кожни болести, заболувања на органите за варење, за уринарење, за нервни болести, ушни, очни болести. Билкарот е “доктор” за сé, оти се “расправа” со сите билки – вели Богданоски.
Секој може да собира билки, но има трикови на кои се внимава. Нема блефирање. Рецептот за билкарството е љубовта и знаењето. Растенијата не се берат туку-така. Потребна е нежност. Се берат од чисти места, во чија близина нема населено место или обработлива површина.
– Важно е во кој дел од денот, на утро или на пладне, се корнат, дали да се цветени или не… Внимание е потребно за отровните, кои до одредена доза можат да бидат и лековити, а после се ризични, на што многумина не се свесни. Билките се најлековити при цветањето, а често цутот се фрла и се користи коренот, листот… – објаснува Богданоски.
Тревките не мора да бидат од планина. Има растенија кои се од пониско. Се собираат од чистиот дел. Собирачот треба да ги откинува како за своја душа. Нема тревки за некој и за себе.
Богданоски не е тесноград. Нема да го закопа знаењето со себе. Им го пренеснува на група “ученици”, кои, иако не се земјоделски техничари, ниту агрономи, живо се интересираат за билките. “Шетаат” заедно по планините, ги подучува, им ги објаснува имињата и нивната моќ. И неговите деца се интересираат, му помагаат, дури и на полноќ го будат да го прашаат за некоја непозната тревка.
За знаењата на Сашо за билките, се знае и надвор. Ангажманот му “нараснал”. Потврда се 700 пропуштени повици за три дена.
– Без да знам, “учениците” ме пријавиле на некоја ТВ емисија. Бев шестпати да пренесам сознанија за треви и рецепти, по кои веќе сум “познат” – вели тој.
Уште не се “запознал” со сите лековити растенија, покрај тоа што е во друштво со нив 40 години. Се радува на новооткриена тревка, како гавазот. По неа се прочул, оти многу се барала.
– Кај што ќе го најдев, се чудев. Застанував да се нагледам. Гавазот располага со својства, ретки и во лековите на фармацевтската индустрија. Помага во лекување на отворени рани, вени, во лекување на каусот при скршеници, оти нема лекарства. Одличен е против тромбози, киселини во желудникот… И тоа најмногу маста и тинктурата од гавазот, посебно за остеопороза, за реума, ишијас – кажува треварот Богданоски.
Преку рекла-казала, човек на човек, се стигнува до треварот Сашо. Тој им го посветил животот на билките. И не се откажува. Продолжува да им помага на луѓето, и тој да научи некои нови и уште поретки тревки, да осознае повеќе препарати од билките. Оти тие се дар од природата и спас за многумина.