PIZZICATO – ПИЦИКАТО

ivce1Ха, ха, ха!!! Мораме вака да започнеме. Многупати сме слушнале како велат некои ЦОЦА-ЦОЛА, наместо КОКА-КОЛА, СИНАЛЦО наместо СИНАЛКО и други слични грешки. Пред некој ден ги разгледувавме во еден дневен весник телевизиските програми. Навистина човек да се смее, а можеби е и за плачење. Зборуваме за телевизиската програма, онаа што излегува во петок, во подлистокот “Антена”. Тука си е сé во ред. Но, некаде на последните страници, напишана е соодветната програма за тој ден (петок). Објавена е и програмата на телевизијата “Алсат”. Некои зборови се испишани во оригинал, зависно од тоа чиј е односниот збор. Се насмеавме кога видовме како еден таков збор е транскрибиран со македонско писмо. Уредникот, лекторот или којзнае кој, мислеле дека така е подобро. Се работи за зборот од музичката терминологија – ПИЦИКАТО. Познато е значењето, но еве, да појасниме за оние кои, евентуално, не знаат. Зборот има италијанско потекло. Овој музички израз се употребува кога свирачот, да речеме, виолинистот, наместо со гудалото, мелодијата ја формира со помош на прстите (дрнка со прстите по жиците). Рековме, зборот е италијански и се пишува PIZZICATO (се чита ПИЦИКАТО). Некој од компетентните луѓе во весникот сакал да ни го претстави тоа со наша азбука, со наше писмо. И така, за односната емисија пишува ПИЗЗИЦАТО – ЕСТРАДЕН МАГАЗИН. Тој ги препишал сите букви но заборавил дека “z” се чита како “ц” а “c” како “к”.

Се присеќаваме на едно одамнешно време кога наместо денешниов подлисток “Антена” излегуваше “Екран”. И тука, главно, се објавуваше телевизиската програма. Се емитуваше една белградска емисија која носеше наслов “О језику, роде” (роде мој). Преведувачот, знаејќи дека штрк на српски се вика рода, без многу да му ја мисли, го превел насловот на “најмакедонски” јазик – “За јазикот на штркот”. Сега, со ПИЗЗИЦАТО, резилот не е помал. Како е можно, во ваков дневен весник да се напише ваква глупост! Изнапишани се таму и главен уредник и заменик уредник и многу други уредници. Дури се напишани и двајца лектори (ки).

Има други слични случаи. Симпатично звучи кога мало дете ќе направи некоја грешка со збор кој не му е доволно познат. Организирана била во некое училиште акција за собирање на пластични шишиња. Тие потоа се рециклираат и така одново се добива потребниот производ. Едно мало девојченце зборува пред камера. Трепка со очињата, тремата е евидентна. Сепак, тоа наоѓа сила да се пофали и вели: “Јас рециклирав десет шишиња”. Навистина симпатично звучи кога мало дете, сакајќи да употреби збор што не му е доволно јасен, прави грешка. А зборот ЦИКЛУС (циклирање) е грчки. ЦИКЛИЧНО значи повторување на некоја појава. Правење определен круг. Шишињата ќе бидат подложени на повторна обработка и на крајот од истиот материјал ќе се добие нов производ. Ќе се изврши РЕЦИКЛИРАЊЕ.

Рековме дека таквите грешки што ги прават децата звучат дури и симпатично. Но, тоа не ќе може да се рече за висок политичар. Се случи поплавата во Србија. Помагаа луѓето. Кој колку може. Донираа разно-разни средства. Политичарот изразува задоволство. Вели дека е радосен податокот што луѓето ДАВААТ ДОНАЦИИ. Слична грешка како на малото девојченце, но со многу поголема тежина. Што значи тоа ДАВАЊЕ ДОНАЦИЈА? Па ДОНАЦИЈА всушност значи ДАВАЊЕ. А давањата биле многу. Значи, според политичарот, треба да бидеме задоволни дека луѓето ДАВАЛЕ ДАВАЊА. Чиста тавтологија. Ајде да објасниме (за оние што можеби не знаат) што е тавтологија. Зборот е грчки. Означува дефиниција или збор кој објаснува нешто што е веќе речено.

Започнавме со смеење но крајов, сепак, не ќе биде многу смешен и многу весел. И од еден друг висок функционер слушнавме еден “бисер”. Тој ни кажа дека сите повредени биле ЗБРИНЕТИ, ама нашиот збор е ГРИЖА, а не БРИГА.

Но, напред БЕЗГРИЖНО, па до каде ќе стигнеме!

Благоја Ивчески 

Loading