АРХЕОЛОЗИ ЈА ОБСЕРВИРААТ ВИСОКА

Visoka, kapitalen proekt na drzavataАрхеолошките истражувања ќе се изведуваат на локалитетот Висока кај селото Бонче до крајот на август.

– Ова ќе бидат први истраги од голем опсег на локалитетот од раната антика – вели раководителот, археологот м – р Дејан Б. Кебакоски од Институтот за старословенска култура.

Според него, различен е археолошкиот пристап.

– Поради недостапноста на теренот на надморска висина од 1472 метри, тимот ќе е сместен на најблиската точка, оддалечена околу еден час пешачење. Ќе се организира камп со шатори од АРМ за да се копа 30 дена. Така ископувањето добива карактер на археолошка експедиција – вели  Кебакоски, додавајќи дека локалитетот годинава влегува во категоријата на археолошки проекти од национален интерес.

Тој објаснува дека Висока е највисокиот врв на Селечка Планина. Тоа укажува на стратегиската положба. Од оваа точка се контролира движењето скоро на цела пелагониска рамнина и низ мариовската планинска област.

– Локалитетот е од два дела, односно од акропола или палатен дел и подградие. Истражувањата ќе се насочат кон откривање на моќниот одбранбен ѕид, што ја формира акрополата, а е изграден од големи камени блокови во техника на изодомум, комбинирана со псеудоизодомум. Со досегашните пократки истражувачки кампањи се откриени влезот и скалите во палатата и еден мал дел од ѕидот. Се планира годинава да се навлезе во палатниот дел и да се утврди карактерот на просторот. Акрополата е со површина од 2600 м2, а целиот локалитет е 19600 м2. Локалитетот е сместен меѓу потенцијалните, на кои лежат остатоците на античкиот град Пелагонија. Тоа дава за право за монументалност на досега откриените партии од влезот и дел од ѕидот на акрополата, но и близината со најмонументалната гробница од македонски тип во државата, односно гробницата во атарот на селото Бонче, која е сместена во падините на Селечка планина, оддалечена од локалитетот Висока околу два километри – објаснува Кебакоски.

Гробницата припаѓала на некој од моќните пелагонски владетели, можеби на потврдениот во изворите, Менелај Пелагонецот, кој со Пелагонија владеел во првата половина на четврти век п.н.е.

– Двата локалитети да ги поврземе ни дава за право и начинот на градба на бедемот на акрополата и гробницата Тие се идентични по градбите, со совршена прецизност. Констатирани се два моќни хоризонти на живеење. Едниот е од четвртиот век п.н.е., а другиот е од шестиот век од н.е. – потенцира раковидителот на проектот.

На Висока се планирани уште три засебни проекти за дигитализација на локалитетот и артефактите до кои ќе се стигне. Со нив се фрла нова светлина не само на локалитетот, туку и нов правец на археологијата во Македонија.

Loading