ОД КОРЕН ЌЕ СЕ ДОТЕРУВА УЧИЛИШТЕТО ЗА 25 ДЕЦА

Во селото Беровци

Potpsi za sovremen ucilisen ambient vo BerovciОколу 25 деца од Беровци на есен ќе влезат во целосно реновирано училиште со извонредни услови за совладување на градивото. Локалните власти, претставници на УСАИД и директорот на училиштето “Круме Волнароски” од Тополчани потпишаа меморандум за темелна реконструкција на училиштето. Инвестицијата е околу 2,5 милиони денари, а половината ги обезбедува УСАИД, а другата половина локалната самоуправа.

Небојша Мојсовски, раководителот за проектот на УСАИД од Македонскиот центар за образование, објаснува дека само десет училишта добиле пари, меѓу кои и Прилеп, од 138 апликации.

– Сметаме дека е најадекватно вложувањето од 1,2 милиони денари за Беровци и уште толку од Општината – вели Мојсовски.

– Училиштето е градено седумдесетите години и никогаш не било реновирано. Тоа беше приоритет меѓу нашите девет згради и осум подрачни училишта. Во Беровци следат настава 25 ученици. Секоја година расте бројот на децата. Многу сме среќни за реконструкцијата од покрив, подови, дограма, ѕидови, електрика, фасада, комплетно. Очекуваме наталитетот да порасне со подобрувањето на условите за изведување настава. Повеќе нема загрозени училишта – вели директорката Гордица Димитриоска Груеска.

На градоначалникот Марјан Ристески, најдраги инвестиции се вложувањата во образованието, особено во населените места.

– Тоа е последното училиште кое ќе доживее комплетно реновирање, од санитарните јазли до покривот. Тоа ќе влијае на исчезнување на миграцијата село –  град и продукција на едуцирана младина, која ќе биде иднина не само за Прилеп, туку и на земјава. Со УСАИД сме имале и други успешни проекти –  рече Ристески.

За десетина години во средните и основните училишта се вложени околу девет милиони евра од различни извори.   

Loading