СЕ РАЃААТ БЕБИЊА СО ПРИЛЕПСКИ ИЗВОД

Гинеколошко- акушерското одделение во болницата работи

– Кадровскиот недостаток од гинеколози ќе се реши со преземање на лекари од приватните амбуланти, додека од септември се очекува комплетно покривање и на гинеколошките услуги за сите пациентки

Se rodi bebe so carskik rez - Ilija BogatinoskiРаботи гинеколошко – акушерското одделение во прилепската болница. Се раѓаат бебиња, се вршат гинеколошки прегледи и операции. Во средата вечерта било родено бебе, и тоа со царски рез. И покрај недостатокот на лекари и откажувањето на услугите кои ги вршеле битолските доктори, работи одделението и покрај кадровските проблеми. Практично до 15 часот, одделението функционира непречено, а потоа лекар има на повик.

– После 15 часот, одделелението функционира со приправност односно на повик. Правиме напори да се консолидираме и барем еден лекар да обезбедиме односно да имаме нон – стоп. Рутинските операции се работат, а оние кои трпат одлагање, се поместуваат.  Известени се матичните гинеколози кои следат бременост кај пациентки со повисок ризик, заради превенција, да се праќаат во Битола. Нормални породувања се вршат кај нас, дури и породување со царски рез имаше во средата вечерта – вели Илија Богатиноски, директор на болницата.

Проблемот со недостаток од гинеколози настанал, откако битолските лекари откажале услуга заради неисплатени надоместоци. Во моментов има 4 доктори, од кои еден, заминува во пензија за еден месец. Веќе 2,5 години, работеле двајца битолски лекари за дежурства за 15 дена во месецот со договор за деловно техничка соработка со Клиничката болница од Битола. Заради неисплатени средства, за последните 5 месеци, лекарите одбиле понатамошно давање на услугите. Известено е и Министерот за здравство.

– Отворен е оглас за пополнување на лекари од приватното во државното здравство. Еден лекар, кој е на годишен одмор, најави интерес за соработка. Остануваме со тројца лекари. Потребни се уште 2, односно 3 гинеколози за оптимално функционирање. Акушерството работи 100 отсто, а гинекологијата редуцирано до пополнување на бројот на гинеколози – објаснува Богатиноски.

Во јавноста се шпекулира дека зад бојкотот на битолските лекари стои политичка заднина, уште повеќе анонимно колегите ги осудуваат за неетичност и непрофесионалност, бидејќи некои од битолските лекари заработиле дури и до 20 илјади евра за изминатиот две ипол годишен период.

Богатиноски не ги коментира шпекулациите, но уверува дека нема место за паника.

– Прилепчани не треба да се грижат за иднината на гинекологија. Ќе профункционира. Пребомбастични беа најавите дека се затвора одделението. И понатаму во Прилеп се раѓаат прилепчанчиња – вели Богатиноски.

Во изминатиов период во болницата се вложени огромни средства во реконструкција на одделението и е набавена опрема по сите светски стандарди. Вакумот со бројот на гинеколозите се случил пред 2 години, кога заради измените на законот за пензиско и инвалидско осигурување, пред време заминале неколку лекари. Со спор на суд завршил и еден оглас за пополнување на место за специјализација.

Тешката финансиска состојба е резултат во расчекорот на расположливите средства во буџетот и обемот на дадените услуги, во интерес на пациентите. Најголемите долгови се кон добавувачите за потребите на одделението за дијализа. 

Loading