УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА МАТЕМАТИЧКА ПРИКАЗНА

Гимназија “Мирче Ацев”

Tata-mata za matematika - Stefan NikoloskiПрилепската гимназија “Мирче Ацев”, која постојано ги следи новостите во воспитно-образовниот процес и континуирано, самоиницијативно чекори напред, може да се спореди со приватните гимназии. Не е можно да се направи ретроспективно гледање на СОУ “Мирче Ацев” пред 5 – 6 години со сегашната установа. Подобрена е во секој поглед. Кадровски, колективот работи одлично. Ентериерот е на високо рамниште, што дава мотив плус за развој на менталниот склоп на учениците. Нашата Гимназија е Мека и Медина за развој на секакви видови на таленти. Манифестациите, акциите, потфатите и неизбежните успеси во нејзина организација, никогаш не остануваат во локални рамки, туку секогаш се проследени од другите општини и им се урнек за организирање на другите средни училишта.

Гимназијата е точно определено место за развој на општествените и математичките науки. Тука се неприкосновени во собирање на елитните математичари, кои не ретко се и репрезентативци на Македонија.

Без потценување на останатите награди и ученици, ќе дадеме сторија за Стефан Николоски, ученик од трета година, кој токму во Гимназијата, ги остварил најдобрите резултати. Негуваната желба за математиката и предметите кои тангираат со неа, уште од основно, ја пренел во средно и ја надоградил до личниот максимум.

Stefan so kolegite reprezentativci– Прикажував интерес за математика од четврто одделение во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”. Кога бев полуматурант за мене немаше друга подобра алтернатива отколку Гимназијата. Постојано на ум ми беше математиката, а со отсекот математичка гимназија, немаше потреба од многу размислување – кажува Стефан за изборот на средно училиште.

Вели дека одличната атмосфера, стручната служба и професорите, беспрекорно ја вршат работата. Така, уште во прва година, во уште не многу познато опкружување, со менторство на професорката Јорданка Чешелкоска, освоил трето место на натпеварот “Кенгур”, трето место на регионалниот натпревар по математика и второ на државниот. Тоа е резултат на добрата обострана соработка со професорката, но и трудот и часовите минати со вежбање задачи дури и дома.

– Има доста откажувања од социјалниот живот, доколку некој реши да тргне по патот на натпреварувањата. Иако при срце ми се егзактните науки, вложувам труд и не ги запоставувам останатите предмети. Досега сите оценки ми се петки. Се разбира дека професорите и директорот имаат разбирање за потребата од ослободување на часови, пред натпревар, кога е зголемен интензитетот на вежбање. Математиката бара целосен внес за оптимален аутпут. Решението е секогаш едно, но начини до кој ќе се постигне има многу. Тука е убавината на предметот, во потрагата по најбрз начин до решение – објаснува ученикот Николоски.

Во втора година се сменила професорката по математика и на нејзино место дошла Калина Трпкоска. И таа веднаш го препознала вродениот интелект и дарбата за математика и продолжила да работи со Стефан. За секои недоумици или потешки задачи, постојано преку електронска пошта или на социјалните мрежи, професорката била достапна и ажурна. Во втора година ги повторил резултатите од прва со бронза на регионален и сребро на државниот натпревар по математика. Во трета година, Стефан вели дека го постигнал најголемиот скок во натпреварите. Тогаш веќе “пресекол”, и се одлучил да продолжи на математичкиот отсек каде се апострофираат информатиката, физиката, алгебрата, линеарната алгебра и сл., а се намалува фондот на часови од опшстествените науки.

– Под менторство на професрорката Антонија Гическа Петкоска, ги следевме сите конкурси и натпевари. Учествував на повеќето со значителен успех. Бев на регионален натпревар по физика каде го освоив второто место, а и на државен по информатика од каде се вратив со сребро. Бидејќи имав повеќе натпревари, имаше мал пад кај успесите по математика, па годинава бев трет на регионалниот и на државниот натпревар. Сепак, би нагласил дека големо задоволство ми е што добив сребрен медал на Националната олимпијада по математика со што влегов во најтесниот круг од шест ученици, репрезентативци на земјава – додава врвниот математичар, Николоски.

“Математичкиот дрес” го испробал годинава во Плевен, Бугарија на Балканската математичка Олимпијада. Таму, меѓу учесници од 10 земји, го освоил третото место. Со тоа стекнал право на учество на Светската Олимпијада, која годинава ќе се одржи во Кејптаун, Јужно Африканска Република.

Stefan na matematickata Balkanijadata vo Bugarija– Очекувам солиден пласман, иако сум свесен дека таму ќе има над 100 репрезентации и околу 550 учесници. Сепак, не треба пред време да се крене белото знаме пред Корејците, Јапонците или Индијците. Натпреварот ќе се одржи од 3 до 13. јули, а само два дена ќе бидат натпреварувачки. Останатите се слободни активности. Престојот таму е бесплатен и треба само да се плати повратниот билет – со заслужена гордост кажува Стефан.

Треба да се додаде дека Стефан е една од мноштвото успешни приказни за реализирани таленти, кои се калат во Гимназијата. До минатата година “тронот” за најуспешен математичар му припаѓаше на Антониј Мијоски. А, Стефан е доказ дека тој никогаш во Гимназијата не останува непополнет. Умештвото на Стефан, талентот, учењето, вредноста и залагањето на професорите го довеле до Светска Олимпијада. Уште од сега е ставен на слатки маки за тоа кој факултет да го избере, зашто вратите на сите приватни и државни му се отворени. Дополнително, преку програма на Владата, може да аплицира за некој од престижните универзитети во Москва, Русија и Белград, Србија.

Учениците како Стефан се пример и гордост на Гимназијата, затоа што таа постои да ги насочува младите умови кон избраната животна професија.  

Loading