“МАШКА ПРОФЕСИЈА” ЗА СЕКЈУРИТИ ДЕВОЈКА

Катерина Атанасоска – љубов кон хиерархија и дисциплина

– Обучена да собори мажи

Dve vo edno - sport i profesijaСекогаш дотерана во работна облека, од која не се препознава мускулестото тело, но нашминкана и со пристојно собрана коса, без огнено оружје, туку “наоружана” со ум, раце, нозе и умештва од боречки вештини. Таков е изгледот на 27 годишната Катерина Атанасоска, која не е чувар, ниту стражар, туку е единствен човек од понежниот пол кој се грижи за безбедноста на вработените и капиталот на фирмата Васидора, каде најголемиот дел од работниците се жени. Во секој момент е спремна за интервенција, според правилата на “службата”, стекнати на повеќемесечното усовршување и полагање за добивање на соодветна лиценца. Подготвена е да одговори на работните предизвици, дури и ако е потребно физички да се справи и да доведе во покорна положба некој насилен “гостин или домаќин”.

Не е едноставна постапката за стекнување на документ за работа на обезбедување.

– Нема разлика за маж или жена за да се стигне до лиценца. Се следат предавања од криминалистика, криминологија, прва помош, пожарство и други. После извесен период предметите се полагаат пред стручна комисија. Се става на испит и се полага знаењето за ракување со оружје. Се гаѓа со пиштол и пушка. Се бара физичка подготвеност, посебно за самоодбрана. Има инструктори од специјалните единици на МВР, кои надгледуваат. Во зависност од фирмата, располагаме со соодветна опрема. Немам потреба да носам панцир, шлем или огнено оружје –   кажува Атанасоска. 

Во едногодишното работно искуство немала сериозни или ризични интервенции.

Bez narakvici na rabota  Katerina Atanasoska– Работата е работа, како секоја друга. Нужна е комплетна и темелна посветеност, без импровизации. На кусо, да се почитуваат процедурите. На почетокот, машкиот дел малку се изненади кога го проверува жена. Но, недовербата исчезна со времето, поради професионален приод, воспоставени се  строги правила за нормално завршување на работните задачи. Луѓето се коректни, дисциплинирани и се придржуваат кон редот. Ги почитуваат прописите кога љубезно ќе им се објасни. Се грижам за објектот, за безбедноста на управата, безбедноста на вработените, контрола на влезот и излезот на лица и на возилата, пречекувањето и испраќањето на гостите. Контролирам што се внесува и што се изнесува во фирмата. Ако има потреба, подготвена сум да соборам и маж. И за тоа имам техника – кажува Атанасоска, која е професорка по македонски и англиски јазик.

Вели дека е заљубена во боречките спортови. Оттаму потекнува желбата за оваа работа. Тренира кик-бокс и е претставник за бразилска џиу – џица. Боречките вештини í лежеле од мала. Но, своевремено немало клубови за вежбање.

– Имав љубов и кон јазиците, но сфатив дека имам повеќе афинитети кон машките “занимања”. Ме привлекуваат професии со униформа, каде има хиерархија, ред и дисциплина, како што се војската, полицијата… Го одбрав обезбедувањето како место каде најбрзо можам да влезам, зашто има недостиг на девојки во овој сектор. На секоја фирма í е потребен женски обезбедувач со способност за применување на боречки вештини – кажува Атанасоска.

 Инаку, нејзе í е мерак да тренира мешавина од повеќе борбени вештини. Член е на Центарот за боречки вештини, Максам Фајт, каде се совладуваат техники во кик бокс, потребни за обезбедувач, кој сака да напредува во “струката”. Даскалакот помалку í лежи, иако е квалификувана.

Женски кик боксер

Devojka za  sparig partner vo kik boksАтанасоска се натпреварува со успех во боречките вештини веќе шест години во клубот МАКСАМ ФАЈТ.           

– Мешаните боречки вештини се нешто ново и атрактивно секаде во светот. Може да се пријави секој од секоја дисциплина. Тоа се борби во стенд ап позиција, кик-бокс удари, лакти и колена и борба на под. Голема е примената на бразилската џиу-џица, која се разликува од јапонската за самоодбрана, оти е автентична борба, само без удари, и е поспортска – раскажува Атанасоска, која меѓу колегите од боречките вештини е позната под прекарот Акаса.     

Во јуни ќе се учествува на меѓународен турнир во бразилска џиу-џица. Ќе бие мегдан со борци од Србија, Бугарија, Романија, Албанија…       

Loading