МОНОПОЛОТ ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА МАРЛБОРО, …

Усогласен договорот на Тутунскиот комбинат со Филип Морис за заедничка фирма

– Дел од тутунот ќе го презема интернационалната компанија

Se rehabilitira  Kombinatot - Gruevski vo PrilepПремиерот Никола Груевски обелодени дека дефинитивно интернационалната компанија Филип Морис влегува во стратегиско партнерство со Тутунскиот комбинат. Најголемиот гигант во индустријата за производство на цигари влегува во Прилеп. Според него, се очекува договорот за формирање на заедничко претпријатие да биде потпишан по изборите. Груевски прецизира дека завршиле преговорите за усогласување на текстот на договорот за стратешко партнерство со Филип Морис и Тутунскиот комбинат.

– Се чека завршување на изборите да се потпише договорот, бидејќи за време на изборите, законски не смееме да го потпишеме тој договор. Тутунскиот комбинат ќе треба да одржи Собрание и да го усвои договорот и потоа да се потпише – истакна премиерот Никола Груевски.

Тој објасни дека стратешкото партнерство ќе се реализира преку формирање на ново Друштво со ограничена одговорност во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има 51 процент учество, а Комбинатот 49 отсто учество во капиталот.

– Новоформираното друштво ќе биде одговорно за производство, дистрибуција, промоција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио на домашниот пазар. Покрај тоа, Комбинатот обезбедува директен пласман на значителни количества македонски ориентален тутун за потребите на Филип Морис. Со договорот за стратешко партнерство се обезбедуваат средства за инвестиции, осовременување на производството и подобрување на продуктивноста на Комбинатот – рече Груевски, додавајќи дека преговорите траеле неколку месеци.

ПРОФИТ, НАМЕСТО ЗАГУБИ

Директорот на Тутунскиот комбинат Александар Дерменџиев потврди дека успешно завршиле преговорите и дека е утврден текстот на договорот. Според него, договорот со Филип Морис е стабилизирање на Комбинатот кој е на листата на загубари. Претстои формално одобрување од акционерското собрание на Тутунскиот комбинат и од органите на управување од Филип Морис.

– Суштината на партнерството е формирање нова компанија, ново друштво со ограничена одговорност, бидејќи се двајца основачи. Филип Морис ќе учествува со 51 отсто што му дава управувачки пакет. Тутунски учествува со 49 насто што значи дека во овој процент оди и распределбата на дивидендата – вели Дерменџиев.

Комбинатот во договорите е назначен како “контрактуелен производител”.

– Новото друштво ќе биде производител, но нема ресурси. Брендовите на Комбинатот и дел од портфолиото на Филип Морис ќе се произведуваат во постојните капацитети на фабриката за цигари – објаснува првиот човек на Тутунски.

Тој појаснува дека иако договорот не е директно поврзан со ДООЕЛ Тутун, сепак Филип Морис, како еден од најголемите потрошувачи на ориенталскиот тутун,  се обврзал секоја година од Тутунскиот комбинат да откупува значителни количества тутун.

– На Комбинатот ќе му се олесни пласманот на тутун и пристапот до финансиски средства за откупот на тутунот – вели тој.

Договорот обезбедува долгорочно стабилизирање на Комбинатот и можност за профитабилност.

– Самото тоа е и сигурност за 1030 вработени и за кооперантите – вели Дерменџиев. 

Loading