КРИЗАТА НА ИДЕНТИТЕТ ВО ЛЕВИЦАТА В.С. „СИСТЕМСКА КРАЖБА НА ГЛАСОВИ” ОД ДЕСНИЦАТА

Venko StomnaroskiИнспириран од изјавите на левичарските лидери од СДСМ решив да изнесам некои мои сопствени видувања за идентитетот на левицата во Македонија и „системската кражба на гласови” како што убедува левицата.

Две децении по воспоставувањето на парламентарната демократија во Македонија  уште егзистира нашето добро познато сивило на политичката сцена со променлива динамика. Да, кај нас политичкото сивило, кај Македонците го сочинуваат левица (СДСМ) и десницата (ВМРО ДПМНЕ), а кај Албанците левицата и десницата или како и да е поделена. Промените беа посакувана вредност во нашата напатена држава уште со осамостојувањето во 1991 година и воспоставувањето на демократијата, онаа парламентарната со политичко – идеолошка основа.

На првите повеќе партиски парламентарни избори победа однесе десницата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа закоравената левица, поранешни закоравени комунисти, во тоа време реформирани социјалдемократи, ги искористија своите манипулативни техники и недоволната политичка зрелост на десницата и од „пред нос”, со, за десницата несвојствена коалиција со Албанците во Македонија, дојдоа на власт.

Тоа се покажа како погубна комбинација за десницата, која полека почна да тоне и скоро осум години тапкаше во место и доведе до принципиелен бојкот на „демократските” (лажирани парламентарни избори) во 1994 година и убедлива победа на „Сојузот за Македонија”, предводен од СДСМ.

На првиот круг од последните претседателски  избори во 2014 година, левицата нејзиниот пораз го припишува на „ситематска кражба на гласови” од страна на десницата, односно дека народот не знае за кого гласа. Каков парадокс? Дали е тоа парадоксот на Диоген?

Четири години подоцна народот пресуди дека не му се потребни повеќе реформираните комунисти предводени од СДСМ кои скоро пет децении владееја со нашата земја и ја доведоа до голгота со долготрајната транзиција, корупција, долгогодишните стечаи на државните фирми, да не речам предуслов за грабеж на државниот имот за багателни цели и реките на стечајци.

Да, на народот му беше доста од таа политика и на изборите во 1998 година убедливо на власт ја доведе десницата предводена од ВМРО ДПМНЕ, која, најдобро во тој период, не се снајде. За жал, седењето во опозициските клупи за социјалдемократската левица на Македонија не беше толку угодно. Малку им беше чудно после повеќе од пет децении нивниот збор никој да не го слуша. Но Жак Аталиевата социјалдемократија, пропагирана од левицата во Македонија, не ги следеше своите принципи на вистинска социјалдемократија. Да. Да. Сето тоа беше само изговор за заведување на народот.

Кога се најдоа во опозиција, без право на ефектуирање на својата моќ, тие се свртија кон помошта од своите колеги од албанскиот блок. Но, за жал, и тие беа слаби да им помогнат. Тоа доведе до еден вистински политички потег кој е одлика на социјалдемократите во Македонија – играта на национална и етничка карта во Македонија. Играта í се исплатеше на левицата и на СДСМ, но беше погубна за десницата од албанскиот политчки блок. ДПА, од тогаш па наваму, е во вечна опозиција. Впрочем, и на фамозниот 15 септември 2002 година, менторите не ги зедоа во коалиција своите ученици, туку ги оставија да тонат.

15-ти септември, целосна еуфорија кај народот. Левицата е повторно на власт, левицата нуди цела „торба” на ветувања. Секоја фамилија ќе има по еден вработен, секое дете ќе има пари да јаде сендвич на училиште, бизнисите ќе цветаат, инвеститорите само што не го отвориле кесето да инвестираат… Чекај малку. Да. Ветувањата ги остварија со длабоко кастрење на администрацијата, со затварање на фирмите, со продажба на највредните државни фирми за евтини пари, со нова река на невработени, инвеститорите некако се премислија и не инвестираа… Да, да, тоа се случи после враќањето на левицата на власт, предводена од СДСМ. Одредени партиски моќници ја приватизираа левицата и сметаа дека имаат ексклузивно право на таа идеологија и ја ставија во нивна служба и во нивни интерес за матни бизниси. А што да очекува народот, цело време напатен од празни ветувања. Пропагираната социјалдемократска Жак Аталиева идеологија од македонската левица доведе до нејзино искривување, кое го почна и процесот на криза на идентитет во левицата.

Добро осмислен потег на левичарските идеолози од Бихаќка беше издвојувањето на Тито Петковски во засебен политички субјект, кој после почетниот успех во 2006 година, краткотрајната љубов од интерес со десницата и кратката екскурзија, се врати во јатото каде што припаѓа, со своите долгогодишни идеолопоклоници за договор од само неколку пратенички мандати. А ги имаше седум во 2006 година, добиени од народот.

Народот тоа го препозна, народот ги согледа често повторуваните лаги од левичарските идеолози и политиканти. Да, од 2006 година, народот виде што е ветувањата да станат реалност, а таа реалност му ја даде десницата. Десницата знае да го препознае квалитетот кај народот, знае дека е изнамачен и изнапатен и доста му беше од празни ветувања, потребни му беа дела, дела и само дела, за да може да живее.

Во периодот на остварување на ветувањата во дела на ВМРО ДПМНЕ, кризата во идентитетот на левицата се продлабочи, а социјалдемократскиот претседател на Македонија можеше само немо да посматра како неговото „чедо”, СДСМ, оди во пропаст, во неповрат, без него тоа пропаѓа… “Па, впрочем, добро е тоа да се знае кој е кој газда во левицата, кога ќе се вратам триумфално на чело на левицата и народот само мене ме чека”. Најверојатно така се размислуваше. Но не беше така. Народот го кажа своето повторно и повторно и повторно и не знам уште колкупати ќе го каже своето „НЕ” за таква искривена идеологија.

Како и да, е народот не беше на иста бранова должина со левицата, тоа го покажа и во 2008 година, кога, на предвремените парламентарни избори, левицата беше скоро збришана од политичката сцена. Истото се случуваше и на сите избори подоцна. Тимот на левицата постојано губеше и губеше и ќе губи. Народот не ги заборави празните ветувања од левицата. Како да ги заборави, кога ексклузивитет полагаат на таа идеологија само една рака луѓе, кои две децении наизменично владеат со таа идеологија во Македонија. Некои сметаат дека се незаменливи и дека после нив доаѓа потоп… Да, потоп за нивната идеологија, потоп за нивната социјалдемократија со извртени вредности. Со таква идеологија, без никаква конкретна програма, без никаква економска идеја, без реално засновани предвидувања, без јасна визија, не може да се освои ни претседателско место во средношколски клас, а не избори во држава.

Да, десницата ја научи својата лекција од 2002 година и се реформира навреме со нови сили и со нови дечки, одморени истрча на изборите во 2006 година и ги добија, покажувајќи што знаат, што тие млади луѓе научиле од повозрасните… А левицата, 23 години излегува само со исти луѓе, само со исти лаги… Нивните млади кадри не можеа да продрат до некое вработување или до некој „колач од нивните бизниси”. Тие треба да бидат потлачени и покорно, со наведната глава, да ги слушаат своите ментори. Е, не оди тоа така, драги левичари! На народот доста му е од наведната глава. Секој бара место под сонцето, секој сака да живее нормално, како човек. За спасот на идентитетот и идеологијата на СДСМ не успеа да помогне ни враќањето на чело на партијата на нејзиниот идеолог. После кратката еуфорија кај одредени партиски ветерани, народот пак го кажа своето на предвремените парламентарни избори во 2011 година. И пак обвинување дека „системски се крадат гласовите на народот”. Не можете за својот неуспех да ги обвинувате другите. Погледнете во сопствениот двор и видете каде грешите. Ако вие заборавивте, народот не заборава лесно.

Не можеш за својот неуспех да го обвинуваш народот дека не знае за кого гласа и дека некој „системски му го кради неговиот глас”. Не, никој не  ги краде гласовите. Народот не сака повеќе да гласа за извртена идеологија, за партија без свој идентитет. Не можете да го пропагирате Хегеловото себство за својата идеологија. Треба да го избришете постојното себство, да го промените својот идентитет и повторно да се родите со нови идеи и нови лица. Но, тоа ќе биде само пуста желба, за која ќе немате сили да ја остварите после претстојниот пораз на 27 април на парламентарните и претседателските избори. Десната коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе оствари уште една убедлива победа над левицата, предводена од СДСМ. Затоа длабоко запрашајте се дали вреди уште да се борите со кадри кои се веќе истрошени и добро прочитани од народот. Не, Господа од СДСМ, не можете, вие, избори да добиете со самите вас и со ред други кои немам намера да ги набројувам. Тие треба пензии ли да добијат од народот како најдобри социјалдемократи во Македонија…? Не, Господа… Доста му е на народот од сите вас. Тоа е шанса за другите новоформирани, лево ориентирани партии како што е Социјал демократската унија. Иако оформена пред неколку години, Социјалдемократската унија успеа да изгради свој сопствен политичко – идеолошки идентитет заснован на вистински вредности на Жак Аталиевата социјалдемократска идеологија и Хегеловото себство за припадност. Тоа го докажавме и на претходните изборни циклуси, кога, сами и мали, успеавме да пропагираме демократија во Македонија. Да, ние како мала партија и надеж за социјалдемократијата во нашата земја, ја прифативме подадената рака од десницата, предводена од ВМРО ДПМНЕ и се приклучивме кон победничката коалиција. Но, не се бориме за пратенички мандати и државнички функции. Се бориме за социјалдемократската идеологија, за доброто на нашиот народ. Цениме дека преку коалиција со ВМРО ДПМНЕ ќе успееме да ја вратиме довербата кај народот во социјалдемократската идеологија. Затоа ги повикувам сите социјалдемократи по душа да ни се приклучат и да нî поддржат на претстојните парламентарни и претседателски избори и да гласаат за нова надеж во социјалдемократијата во Македонија, олицетворена преку Социјалдемократската унија. Ние ќе ја возобновиме и воскреснеме вистинската социјалдемократија со вистинските вредности во нашата земја.

Венко Стомнароски

Член на ИО на СДУ 

Loading