ПОДГОТОВКА ЗА ГАСИФИКАЦИЈА

За неколку години гас во Прилеп

Релеванти фактори и институции разговараа за идната гасификација на Македонија, во која е опфатен и Прилеп. Локалните власти, научни работници и стопанственици расправаа за инсталациите за гасната мрежа и за магистралната, која ќе го поврзе Прилеп од Кавадарци на патот кон Битола.

Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека општината е посветена, оти гасификацијата е перспектива за идните столетија на градот.

– Се подготвуваме за физибилити студија, од која ќе произлезе и главниот проект. Корисна е гасификацијата, посебно за стопанството и домаќинствата, бидејќи гасот има поголема енергетска ефикасност и помали трошоци, вклучувајќи ги еколошките предимста – рече Ристески.

Прилеп е предвиден во првата фаза од гасоводот која ќе почне да се гради наредните месеци. Со тоа се создаваат услови за градба на градска дистрибутивна мрежа, која ќе го донесе гасот до секое домаќинство и до секој индустриски објект.

Крсте Миладинов, извршен директор на Македонски енергетски систем, компанија оформена од владата за гасификација на државата, вели дека планот за гасификација е во повеќе сегменти, а тој е почнат одамна.            

– Еден од сегментите е поставување на гасоводи кои ја покриваат целата држава, второ е изградба на дистрибутивни системи и трето, обезбедување на нов приклучок, односно влез во државата. Прилеп е ставен во приоритетните градови за гасификација, а во тој процес е можно гасот да дојде за 3-4 години. Дотогаш Прилеп треба да ги решава проблемите околу гасификацијата и мора да се подготвува во сегментот на дистрибуција за домаќинства, индустријата и т.н. Општината треба да се вклучи и урбанистичките планови да бидат подготвени да поминат гасоводните мрежи – вели Миладинов.

ПРИРОДНИОТ Е РАЗЛИЧЕН ОНОЈ НА ПУМПИТЕ

Гасот е карактеристичен енергенс. Не е работата само да се донесе до дома, туку треба да се стекне навика на тој начин на живот со придобивки.

– Најголем дел на природниот гас е метан, создаден во природен процес, за разлика од пропан-бутанот кој е дериват на нафтата и е со различни својства. Природниот гас е љубител на природата, не загадува, не остава штетни последици. Се продава во метри кубни, а другиот има литри и килограми. Сé се сведува на цената. Гасот во Македонија сега има цена приближна на мазутот. Значи поефтин е од нафтата. Гасификацијата е во три сегменти, а четвртиот сегмент, кој е важен е цената. Тоа е оставено на слободниот пазар. Значи, не добиваме само нов енергенс, туку конкуренција на постојните енергенси. Гасот ќе направи баланс на другите енергенси. Како што се гледа во Европа, цената на природниот гас се менува со кризата во Украина, а прашањето на природниот гас секако е добар баланс на другите енергенси – објансува Миладинов. 

Loading