ГРАТИС ВОЗЕЊЕ КАКО ВЕЛИГДЕНСКИ ПОДАРОК

Започнува јавниот градски превоз

Evtin prevoz so gradski busСтартува градскиот јавен превоз. Гратис возење од денеска, утре и в недела, ќе добијат граѓаните како подарок од Локалната самоуправа за најголемиот празник. В недела, на Велигден, бесплатно ќе функционира специјалната линија која ќе минува низ целиот град до Новите градски гробишта. Граѓаните со бесплатното тридневно возење ќе може да ги тестираат придобивките од најевтиниот и добро организираниот превоз кој им го вети локалната власт пред неколку години. Како велигденско јајце, што радосно и нетрпеливо се чека, така организираниот јавен градски превоз стана реалност. Цените се пристапни, има попуст за учениците и студентите, а лицата со посебни потреби  ќе имаат бесплатни карти. Поволности ќе има и за пензионерите.

Првин ќе бидат три линии со шест автобуси.

– Се надеваме на владина помош за набавка на возила со помал габарит да се покријат деловите каде е непристапно за автобус. Единствено третата линија ќе биде во застој до рекострукцијата на мостот на градската река кај магацините од Центропромет. Следниот петок ќе ја пуштиме оваа линија – вели Бранко Нешкоски, од ЈП за ПУП кое стопанисува и со градскиот превоз.

Во тек е набавка на уште 4-5 нови автобуси, со што ќе се направат уште две нови линии, кои ќе ги опфатат останатите делови од градот во кој сега се вршат реконструктивни зафати на улиците како дел од населбата Тризла и типската населба со што целиот град ќе биде покриен.

Постојките ќе бидат со настрешници каде ќе се прикажува дигитално движењето на автобусите, а и ќе бидат добри за рекламен простор. Брендирани се автобусите, кои се со сина боја и со логоа од прилепските компании.

– Градскиот превоз решава големо прашање, посебно за студентите, учениците и пензионерите. Крајна цел е да се покрие цела територија на општината. Според потребите, можна е корекција на линиите. Ветени ни се и електрични комбиња за опслужување исклучиво на централното градско подрачје. Планираме да се опфати и тополчанскиот крај. Други линии би  биле кон Мажучиште, Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, Лагово, Беровци и Старо Лагово, вклучувајќи го и Селце. Ќе има и трета линија за мариовскиот крај, како и линија за Радобил со посебни термини – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Граѓаните ќе добијат флаери со детално објаснување на линиите на градскиот превоз, постојките и начинот на плаќање. Во отворената канцеларија  на Булеварот “Гоце Делчев”, граѓаните ќе може да набават припејд картички.

Предвидено е и на 27 април, на денот на изборите, во сите правци возењето да биде бесплатно, за остварување на гласачкото право.

ЦЕНОВНИК НА БИЛЕТИ

Зона

А

цена на билет за:

градски линии

едно возење

20 денари

дневен билет

50 денари

викенд билет

120 денари

неделен(седумдневен) билет

250 денари

месечен билет

600 денари

годишен билет

6 000 денари

месечен билет за ученици и студенти

350 денари

ВОЗЕН РЕД:

Автобусите од јавниот градски превоз со работа ќе започнуваат во 6.30 ч. наутро. Последното возење на автобусите ќе биде во 22.30 ч.

од 6.30 ч. – 9.30 ч.    – автобуси ќе има на секој половина час

од 9.30 ч. – 12.30 ч. – на секој час

од 12.30 ч. – 16.30 ч. – на секој половина час

од 16.30 ч. – 20.30 ч. – на секој час

од 20.30 ч. – 22.30 ч. – на секој половина час

РЕЛАЦИИ:

Автобуската линија бр. 1 ќе сообраќа од Нови градски гробишта, Варош, Економски факултет, стара Виша школа, старо воено училиште, Педано, зграда Табаана, Брза Помош, Градски Стадион, театар, Матично до  Хотел Салида. Автобуската линија број 1А ќе сообраќа обратно.

Автобуската линија број 2 – Економски факултет, Белстон, Црква Св. Петка, Автобуска станица, Футура маркет, Палма Шоп, Ла Страда, Фурна Плетварец, бела зграда Табаана, Завод за здравство, Градска болница, ул. Мирче Ацев кај Центропромет, пржилница АС, Ридтекс, механичар Ице Тумбе. Автобуската линија број два А ќе сообраќа обратно.

Автобуската линија број 3 ќе ги опфати: Амфора, Жабино маало, Магацини на Центропромет, Терминал, Ф-ка 11-ти Октомври, хотел Сонце, Симпо, Палма Шоп, Ла Страда, фурна Плетварец, бела зграда Табаана, Завод за здравство, 5-та прилепска кај пазарчето, 5-та прилепска кај зградите, АМСМ, Лук Оил. Автобуската линија број три А оди обратно. 

bus dijagram krivi - NOVO-1

Loading