Дарко Чатлески
Малку неочекувано, но сигурно, Дарко Чатлески се враќа во боксерскиот ринг. Некогашниот спортист на градов, медалист од Европско кадетско, со интерконтинентална титула во кик-бокс, на 31 мај ги вкрстува ракавиците со Латвиец. Паузата беше седум години.
– Откако лани, по макотрпна работа, Пробокс Македонија влезе во Европската боксерска унија, почнав со тренинзи и сфатив дека ми недостасуваат борбите во профи рингот. Седумгодишната пауза ќе ја надминам. Предвидени се 10 – дневни висински подготовки пред мечот – најави Чатлески.
Претстои спектакл во Индустриско. Најавени се боксери од Јапонија, Латвија, Србија. За најуспешна организација досега се нафатија во Федерацијата и БК Ас. Формиран е менаџерски тим со промотерите Стојанчо Ѓорѓиоски и Христијан Трајкоски. Вниманието на јавноста и публиката е свртено кон Чатлески и неговиот обид да ги повтори младешките подвизи.
– Размислувам само за победа на мечот за влез на ранг листата. Крајната цел на секој професионален боксер е титула, но рано е за тоа. Прво да видам до каде сум – прецизен е Чатлески.