ПОЛОВИНА ВЕК ВО АВТОМОБИЛ

Трајче Башески е возач на 88 години

– Од 1964 година до денеска нема ден да не е со возило

– Со обновената возачка дозвола уште го вози регистрираното Пежо 404 од 71 година, за кое е емотивно поврзан

Sekoj den vo avtomobil - Trajce BaseskiУмешно управува со воланот, лесно се снајдува во сé погустиот сообраќај, рефлексите му работат нормално за реакција во ненадејни сообраќајни ситуации, ги толерира несовесните и агресивни возачи кои брзаат, небаре се на трки низ улиците, не почитувајќи ги правилата. 

Секојдневно го вози своето Пежо 404, купено пред 43 години, 88 годишниот Трајче Башески, пензионираниот специјалист по максилофацијална хирургија. Од 1964 година до денеска нема ден да не е со возило. Ќе вози додека смета дека е способен да го управува и додека не ја загрозува безбедноста во сообраќајот. Добил “виза” од лекарите, оти е здравствено способен. Според извршените прегледи, лекарите лани му напишале дека е физички и психички  здрав да го управува автомобилот до ноември 2015 година. Последното тригодишно обновување му е трето продолжување на возачката дозвола.

Првиот газда на Пежото 404,  што често се гледа низ улиците, вели дека го “тимари”, го одржува и затоа без страв, туку со респект кон помладите возачи, го вози својот миленик од седумдесеттите години од минатиот век, небаре олдтајмер, неколкупати дневно. Автомобилот е регистриран, осигуран и е во исправна техничка состојба да се заврши некој пазар.

На Башески му смета однесувањето на несовесните возачи, кои се секојдневна закана за сите.

– Пред некој ден кога излегував од мојата улица, се зададе еден со голема брзина. Сметав дека е забрзан и ќе ме одмине. Но, тој доаѓаше право во мене. Па дури запре, ја отвори врата и се караше. Иако сум стар, доволно бев при себе да го бутурисам. Истрчаа деца и тој се врати во колата. Изгледаше пијан. Секому може да му се случи сé и сешто, кога имаме работа со несовесни возачи. Во густиот сообраќај не се нервирам, зашто не можам да сменам ништо. Моето возење е на кратки дестинации и со мала брзина – вели Башески.

Тој не може да функционира без автомобилот, оти Пежото го вози неколкупати во денот. Месечно минува до 250 километри низ град.

– Никого не бркам и лесно ми оди. Возилото е сигурно, безбедно и не ме издава над четири децении. Нужно е мало дотерување на душемето и на естетиката. Инаку, откако се изврши ремонт на моторот пред пет – шест години, “коска” е здраво. Работи како саат. За мене е таман. Нема поарно. Тоа е магаре. Го имам за локално, каде што не се вози со поголема брзина од трета. Макар и трета ретко ја клавам. Да појдам, да купам нешто и да го однесам. Ми велат да користам такси. А, во денот одам на пет-шест места. Како да правам? Качи се, слези, качи се, слези… Задоволен сум. Погодено ми е. Го товарам и заминувам. Го паркирам во близината каде пазарам и терам назад дома. На пазар го оставам блиску, да се вратам неколкупати со корпата – раскажува Башески.

Не сака да го продаде, иако имал примамлива понуда.

– Ако го продадам, што ќе добијам? Би зел 500 евра. Гревота е. Раритет и олдсмобил е. Додуша, гастарбајтер ми даваше повеќе да го однесел со возење до Швајцарија. Ќе го однесе и отаде Швацарија. Се распрашал за цената, дека се движи од 500 до 1000 евра. Ми рече дека ќе ми дадел 3000 евра. Ме кандисуваше, ама му реков: “Немој дете, ќе почнам да плачам. Емотивно сум врзан, зашто најубавите години ги минав возејќи го. Не е за продавање за никакви пари”. После малку се мајтапев. Низ смеа му реков дека не може да ја плати и му побарав 15 илјади евра. Милина е. Не се чувствуваш дека возиш на далечна релација. Возењето е задоволство, а не оптоварување. Внук ми е вљубен во автомобилот. Троши доста бензин, ама не сакам друг автомобил. Арен ми е да ги бркам моите потреби. Пежото ми е легнато и ме служи. “Се познаваме и се дружиме” 43 години. Глупаво е да се навикнувам на друго возило. Не го менувам – вели Башески.

Не патува на долги релации, иако се чувствува вешт да истера до Скопје.

– На долги релации не се ни обидувам, а и не сакам. Можам да возам меѓуградски, без никакви забрани, но ќе го забавувам сообраќајот, оти возам бавно. Времињата се дојдени што смета благото возење. Автомобилот може да вивни над 110 километри на саат. Здрав е и нема да ме изневери, иако е “роден” 1971 година. Со Пежото бев до Шведска. Бугарија повеќепати, Грција, Турција, цела Југославија, Франција, Швајцарија, Италија – вели возачот на 88 години.

Инаку, Башески има половина век возачкото искуство. Седнал првпат пред волан во Фиќо. После наместо Фијат 850, му дале Фиат 850 спорт купе. Имал сообраќајка и го откажал Фијатот и го зел Пежото.

СО ФИЌО ДО БИТОЛА ЗА СЕФТЕ

Додека низ улиците на градот имало повеќе магариња, запрежни коли и велосипеди, Башески станал возач во 1964 година.

– Беше многу тешко полагањето за возачка дозвола. Комисијата идеше од Битола. Полагавме низ улици. Немаше возила, но имаше велосипеди и магариња, арабаџиски коли. А и улиците не беа направени како што треба. Комисијата ме пушти и ми рече да ја однесам за сефте во Битола. Се плашев, ама тие ме охрабрија. Ги извозив и сам се вратив. Многупати си мислам дека тоа не беше паметно. Со Фиќото, уште првиот месец со дозвола заминав за Софија – кажува Башески. 

Loading