НАСЛОВОТ ЗГРАПЧУВА И САКАЛДИСУВА

Кон 300-тиот број

IMG 0121Пред сé честитки за 300-тиот број на Зенитот. Би сакала да се навратам  на едно време – невреме кога згасна мојот, Вашиот и од граѓаните,  неделникот Народен глас. Во тоа време на весникарски мрак во градов се појавија моите колеги Светлана и Љупчо, ентузијасти до немај каде, кои ми најавија дека ќе формираат новинарски тим, кој пак, ќе работи на  создавање на неделен весник и со кој ќе се трудат, на нивни својствен начин, да ги информираат, а воедно и релаксират граѓаните. На почетокот бев скептик. Како колегите ќе можат да го издржат маркетиншкиот или најтешкиот дел во весникарството, за содржините или за ветроштините кои ќе им се случуваат не ни размислував. Знаев дека се печени, ем во занаетот, ем во разноразните притисоци.

Ако го споредувам првото излегување на Зенит и сегашново нема некоја голема разлика, освен некои мали измени во рубриките. Она што е карактеристично за Зенит е информација за локалните настани, редовно информирање за сите градски активности од било која сфера. И тоа е апсолутно добро. Локалните медиуми се создаваат насекаде во светот за оваа намена. Го следат и стопанството кое е од суштинско значење за градов. Но, според  мене, веќе е време, по долгогодишно постоење на Зенитот, да се размислува и за некоја рубрика која ќе го одразува личниот став на новинарот, по било кое прашање, да има и критички дел кој би им служел на партиите како од позицијата, така и од опозицијата. Новинарски личен став, кој ќе ја одразува работата на јавниот граѓански сервис, влучително па било да се однесува и на моето јавно претпријатие “Комуналец”. И сето тоа спакувано со доза на добронамерна критика. Би сакала да се воведи и Колумната. Искрено, како голем љубител на  Колумните ми недостасува овој новинарски жанр да го читам токму во нашиот весник. Ме радува кога ќе објавите писмо од читател, зашто тоа е мерило каде сме како општество.

Она, пак, што е препознатлив стил на колегите, е пишувањето на атрактивните новинарски наслови. Знаат отсекогаш, и кога нема содржина или атрактивност во текстот, да направат таква најава, со која,  читателот го заинтригираат што содржи текстот. И во тоа се одлични, дури подобри нема. Верувам дека нема да ми се налутат, но понекогаш со атрактивноста  ја претеруваат. Се договаравме да им испратам текст за Капелата, во кој се најавував дека се при крај работите и се очекува пуштање. А колегите на насловна страна вадат наслов “За брзо време панделка на Капелата”. Најпрво, кога го прочитав насловот ми беше атрактивен, но потоа се насмевнав во себе и си реков, – “колегиве од  што сакаат да дадат значење на објектот му врзаа дури и црвена панделка”, која не е соодветна за објекти од ваков карактер. Но, сите ние кои ги познаваме приватно, знаеме дека понекогаш  музите дури и ги заведуваат.

За крај, би додала само дека се искрени и честити во она што го прават. Дека се одраз на сите случувања во градов, дека се продолжување на традицијата која што ја имаше Народен глас, само со друго име, и дека сме горди, ние како колеги, дека успеаа како партнери да му пркосат на времето, на кризите, на политиките, на опкружувањата…

Лилјана Пурдеска Силјаноска

Loading