ГИМФЕСТ – МАКЕДОНСКИ Х – ФАКТОР

Гимназија “Мирче Ацев”

“Сочувството и хуманоста ви овозможуваат да ги погледнете работите од туѓа перспектива, а со тоа да не бидете себични. Откако ќе помогнете некому и вие исто така се чувствувате подобро самите за себе. Сочувствувајте со другите, пред да ги осудите пробајте да разберете како размислуваат и како дошле до одредена ситуација во животот. Фокусирајте се на нештата кои ви се заеднички и најдете решение за да помогнете онолку колку што можете. Кога сакате секогаш може да најдете начин да пружите помош, а сочувствувањето со другите ќе ве направи посреќни и похумани личности.”

Далај Лама

knap polna salaХуманоста и убавата музика беа главно обележје на овогодинешниот музички фестивал “ГИМФЕСТ 2014”. Фестивалот, кој се одржа на 04. април 2014 година во Домот на културата “Марко Цепенков”  изобилуваше со позитивна атмосфера, задоволни лица, квалитетна музика и пред сî несебична дарежливост и хуманост од сите гости. Оваа година “ГИМФЕСТ 2014” делуваше далеку над рамките на еден обичен школски фестивал. Комисијата за организација на фестивалот на чело со својот претседател, а воедно и главен организатор, професорот Мартин Наумоски сериозно си ја сфати својата задача и се потруди сите гости, вклучувајќи го и митрополитот Преспанско – пелагониски администор австралиско – новозеландски, г-дин Петар, градоначалникот на општината Прилеп, г-дин Марјан Ристески, максимално да уживаат и да проследат еден квалитетен културно – уметнички настан кој му недостигаше на овој град. За овој фестивал се бараше карта повеќе. Тоа се должи на квалитетните солисти кои беа одлично  подготвени од својот ментор, професор во Гимназијата, магистер Татјана Иваноска, но се должи и на хуманата страна на гимназијалците, како и на сите добронамерници кои го посетија овој фестивал затоа што од поодамна се знаеше целта на Комисијата за организација, а тоа беше хуманоста. Таа комисија и директорот на Гимназијата г-дин Кире Николоски решија и оваа година манифестацијата да има хуманитарен карактер односно средствата од продадените билети да се донираат онаму каде што е најпотребно.

На фестивалот беа изведени 18 композиции во три блока од по шест песни. Во првиот блок настапија: Дарија Илиоска, Ивана Илиоска, Викторија Смилеска, Влатко Ѓоргиески, Ивана Кормушоска и Симона Илиоска. Во вториот блок свој момент имаа: Надица Бунеска, Андреј Николоски, Фросина Боцеска, Наташа Ристеска, Марио Ангелевски и Доротеа Дамјаноска додека последниот блок од шест песни го затворија: Михаела Пацаноска, Марко Маркоски, Стефанија Дукоска, Теодора Зероска, Мелани Тодороска и Сара Тодороска.

Сите солисти беа одлични, па од таму на големи маки беше стручното жири во состав: м-р Татјана Иваноска-претседател, Наталија Гарбеска, Кире Гаралоски, Љупче Мирчески и Леонарда Богданоска – Гиноска.

Додека се одлучуваше победникот, но и на самиот почеток, на отварањето на фестовалот,  се појави една група на млади хип хоп танчери – “Beatrix crew”  од Скопје која буквално ги крена сите на нозе. Хип хоп групата постои повеќе од три години и има освоено многу награди вклучувајќи ги и : Greece open (прво место – формација), Jagodina Open (прво место – група), Dance Star Novi Sad 2013, ESDU (прво место – формација), Dance Star Slovakia 2014, ESDU . Покрај големиот број освоени први места, значаен успех е и добиената награда за најдобро шоу на натпреварот Dance Star Slovakia 2014, како и добиениот пласман за ESDU World Dance Masters 2013 и ESDU World Dance Masters 2014.

По завршувањето на нивниот настап, при крајот на фестивалот беа прогласени и победниците:

Прво место и награда од 6000 денари како и патување во Турција освои Дарија Илиоска!

Второ место и награда од 4500 денари освои Доротеа Дамјаноска.

Трето место и награда од 3000 денари освои Марио Ангелевски.

Овогодинештниот ГИМФЕСТ покажа и докажа дека има свои пријатели па покрај преполната сала, како помагатели на овој музички хепенинг се појавија: Комфи Ангел, Дени мебел, Атко дизајн, Ацетони, Деспот дизајн, CLS equipment, Ковалски, Викели, Прилеп фест и Кристал Палас.

Теодора Кочоска, Бојан Шлакески и Бојан Јорданоски, ученици во Гимназијата, кои се појавија во  улога на водители кажаа дека времето лета кога убаво се поминува. Со нетрпение го очекуваме “ГИМФЕСТ 2015” и веруваме во одлична забава, музика, другарување и хуманост!

Loading