МЕЃУ ЛЕБОТ И ПРОФИТОТ

Тутунарите пред нов предизвик

– Досега се издадени 12.600 евиденциони листови за тутун

– Загрижени тутунарите поради активностите на Светската здравствена организација

Ke se bere tutun kako laniПо повод 4 ти април – Денот на тутунопроизводителите и тутунските работници, Сојузот на тутунски здруженија ќе дебатира на тема “Импликации на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација врз производството и фабрикацијата на тутун”. Се очекува денеска да учествуваат еминентни претставници од Министерството за земјоделство, научни работници, претставници од тутунските компании – откупувачите и преработувачите и од тутунските здруженија.

Во Градската библиотека “Борка Талески” се очекува да говорат Алириза Елези – државен советник во Министерството за земјоделство, проф. д-р Гордана Мицевска – директор на Институтот за тутун, проф. д-р Златко Арсов од Земјоделскиот факултет, Александар Дерменџиев – генерален директор на Тутунскиот Комбинат, Џовани Беги – менаџер во Сокотаб Битола, Роберт Цвејоски од откупната компанија Алајанс уан, како и Данчо Милески, претседателот на Сојуз на тутунопроизводители и Цане Божиноски, секретарот во тутунската асоцијација.

На собирот на тутунарите се очекува да се разјаснат последиците од активностите на Светската здравствена организација врз тутунопроизводството и преработката на тутун во Македонија со најавите дека нема да се бара повеќе ориенталниот тутун на пазарот.

Инаку, тутунопроизводителите се исправени пред нов предизвик, пред новата производствена реколта. Се сеат леите за тутунски расад, а  заврши и издавањето на евиденциони листови или т.н. бели картони во Министерството за земјоделие. Во споредба со лани, година се издадени 1000 евиденциони листови повеќе или вкупно околу 12.600, покрај најавите од откупните претпријатија за рестрикција за количествата што планираат да ги откупуваат и намалувањето на откупната реколта на 26000 тони тутун или за околу 5000 тони помалку во споредба со ланската реколта.

Се тврди дека е намалена побарувачката на ароматичниот ориентален тутун како резултат на мерките на Светската здравствена организација за штетноста на пушењето. Од друга страна, се пласираат податоци за пораст на тутунопроизводството во Турција и соседните земји. Сите овие факти ги збунуваат тутунарите кои тешко би се откажале од егзистенцијата, која е пресудна за околу 40 илјади семејства во држава.

По предавањето на белите картони кај откупувачите, тутунарите се во “стенд бај” позиција на исчекување на склучување на договорите до средината на април.

Сојузот на тутунски здруженија бара зголемување на цените на втората и третата класа, кои се и најзастапени во производството. 

Со евидентните листови се елиминира можноста од потпишување договори со повеќе откупни компании.

Otkupouvacite ke go ostvarat vetenoto - Zoran Stavrevski na sredinataВицепремиерот Ставревски:

ТУТУНАРИТЕ ДА НЕ БЕРАТ ГАЈЛЕ

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, одговарајќи на новинарско прашање,  им порача на тутунарите да бидат спокојни, бидејќи се прават напори откупните компании за тутун да го одржат договореното.

– Нема тутунарите да бидат оставени сами да се справуваат со ситуацијата. Инсистираме кај откупувачите до крај да го почитуваат ветеното. Секој ден сме во контакт со откупувачите. Очекувам деновиве да се интензивира потпишувањето на договорите со тутунарите. Тутунарите да се спокојни. Ќе има потпишување на договори како што се сложија откупните комбинати – рече Ставревски.

Loading