СОКОТАБ И СТРУМИЦА ТАБАК ИМ ЕСКИВИРААТ НА ТУТУНАРИТЕ

Ке се најде чаре за тутунарите

Двете компании отстапуваат од договореното на помалите тутунари да не им ги скусуваат договорите

Start podgotovkata na tutunskite leiТутунарите се жалат дека дел од тутунските компании не го почитуваат договореното за откуп на тутунот за годинешната берба. Данчо Милески, претседателот на Сојузот на тутунарите, потврдува дека откупните компании Сокотаб и Струмица табак отстапуваат од договорот. Според него, секако ќе се најде чаре за тутунарите, иако откупувачите селективно склучуваат договори и не ги почитуваат утврдените процентуални намалувања на количествата за откуп, како што е договорено во Министерството за земјоделство.

– Денеска ќе имаме средба меѓу откупувачите, министерствата, институтите да се утврди договореното. Тутунот е “леб” и не може некој туку-така на тутунарите да им ја зема егзистенцијата. Не знам кој ќе ги запре луѓето да не одгледуваат тутун, покрај несклучените договори, а в година пак да има тешкотии околу откупот. Постигнавме согласност за редукција од 32 илјади тони тутун, колку што имаше лани, на 26 илјади тони. И тоа е многу за некои откупувачи. Не може да се игра со животната судбина на тутунарите. Тие зависат од тутунот со децении. Оваа култура не е само индустриска, туку и социјална, а најмногу традиционална. Сигурно ќе се убедат откупувачите да склучуваат редуцирани договори според последниот договор каде најмалите тутунари до 500  килограми нема да ги намалуваат површините – вели Милески.

Пред една недела тутунарите, откупувачите и Владата договорија како да одговорат на потребата да се намали производството на тутун. Беше договорено откупувачите да склучат договори со сите тутунари, намалување на количините да има за поголемите производители, а за помалите тутунари да нема кратење на количините за откуп, за ниту еден тутунар да не остане без договор за новото производство.

Сорти на тутун со семе за бионафта

Македонскиот научник со прилепско потекло Борис Јанковски смета дека тутунот може да го прероди Прилеп, ако се посејуваат сорти, кај кои доминираат семињата со силна маслена способност. Тој, со својот институт ВЕДА, изготви комплетна студија со која оценува дека семето на тутунот содржи од 39-41,2 отсто масло, од што може да се екстрахира околу 32 отсто техничко масло, погодно за производство на биогорива. Остатокот од екстракцијата, околу 70 отсто, е ќуспе, кое е основа за производство на храна за ситната и крупната стока, пилињата, рибите…

Во експериментите спроведувани со Институтот за тутун се добиени сорти кај кои приносот на семе по една билка достигна до 242 грама по еден страк. Експериментите направени во Италија покажуваат сорти на тутун кои би дале до 6 тони семе по хектар. Резултат, што тутунот го наредува меѓу маслодајните култури со највисок принос на масло, дури над маслодајната репка, сончогледот…

Според согледувањата од досегашните истражувања во реални услови во Македонија, остварен е принос на семе од 3-4 тони по хектар, а што значи од 900 до  1200 кг./ха. на техничко масло за производство на биогориво и од 1100 до 2800 кг основа за производство на сточна храна.

Само по овој основ приходот по еден хектар под тутун би изнесувал околу 4000 евра, сума која значајно ја надминува сумата добиена од тутунот за производство на цигари.

И листот на тутунот е ризница на низа алкалоиди и хемикалии кои можат да се применат во фармацевтската и хемиската индустрија. Стеблото содржи долги и тенки целулозни влакна, што е основа за добивање на квалитетна хартија. Од биомасата  може да се добијат компонента во производството на биогас и органско ѓубриво.

Loading