СИТЕ ТУТУНАРИ ЌЕ СКЛУЧАТ ДОГОВОРИ

Во пресрет на овогодинешната реколта

Откупувачите ќе договараат само 20 отсто помали количества од лани

Додека се подготвуваат леите за расад за годинешната производствена сезона на тутунот, Сојузот на тутунарите обелоденува дека помалку тутун ќе се сади годинава. Деветте откупувачи на тутун во земјава проектирале да откупат 20 отсто помали количества во споредба со ланската берба. Тутунарите веднаш бурно реагираа, бидејќи тутунот им е носечки извор за егзистенција на околу 50 илјади семејства во Македонија. Или во прилепско, битолско, кривогаштанско и долненско одгледуваат тутун над 25 илјади семејства, кои ќе треба да ги намалат површините.

Данчо Милески од Сојузот на тутунарите смирува со зборовите дека нема место за паника. Објаснува дека нема да остане на цедило ниту еден тутунар, иако   откупувачите ги редуцираат количествата, поради зголеменото производство на ориентални типови тутун во Грција, Бугарија и Турција. Министерот за земјоделство Љупчо Димовски изјави дека редукцијата е поврзана со барањето на СЗО за намалување на потрошувачката на цигари како причина за појава на болести кај луѓето.

– Не станува збор дали сакаме да се откупи повеќе или помалку тутун, туку колку тобако индустриите бараат. Ако меѓународните институции бараат намалување на потрошувачката на цигари, со тоа се намалува побарувачка и на ориентален тутун. Ќе направиме напори да им излеземе во пресрет на тутунарите – изјави Димовски.

Милески е поконкретен. Годинава ќе се бараат 26 илјади тони, а лани се произвеле и откупиле околу 32 илјади тони.

– Сите тутунари практично ќе го намалат производството за 20 отсто да се олабави притисокот на откупните претпријатија и да се најде заеднички јазик меѓу тутунарите и откупувачите. Дел од тутунарите се револтирани, оти се исклучени од можноста да потпишат договори. Но, сите тутунари кои лани произведувале, ќе произведуваат и ќе го предаваат родот и в година, ако имаат 20 отсто помали површини. Исклучени се само некоректните тутунари, кои договориле тутун и не однесле, или однесле делумно, без да ги исполнат обврските по договорите. Според договорите, тие треба да се санкционираат. Но, успеавме да ги спасиме. Само во Сокотаб ги има околу 400 тутунари, кои не однесле 300 тони тутун, а склучиле договори. Фирмата проектирала количества и пари, а тутунарите ја извисиле и го однесле тутунот во друго претпријатие. И тие ќе склучат договори со други откупни компании – објаснува Милески.

Тој е уверен дека секој тутунар ќе склучи договор до средината на мај, откако ќе го извади белиот картон до 31 март. Спомна дека можна е нагорна корекција на цената на тутунот на “спорната” трета класа за околу 5 отсто.

– Тутунот е традиција од 500 години, а некои тутунари го одгледуваат и 50 години. Грев е да се исфрлат. Затоа само ќе се намалат површините и количествата, и ќе се склучат договори. Процентуално се намалува производството кај секој производител, за сите тутунари да склучат договори. Тутунарите се солидарни, зашто егзистираат исклучиво од таа култура – вели Милески.

Тој не одговори конкретно како ќе се регулираат односите со откупувачите при проекција само од 170 килограми тутун од декар, што е минимално количство.

– Просекот на тутун од единица површина се движел последниве години од 134 до 171 килограм од декар. Точно е дека на наводнувани и плодни почви како во Пелагонија, приносите се движат до 250 килограми и нагоре. Тука има една дилема. Откупувачите ги сметаат пријавените количества над 180 килограми од декар како друга сорта, полуориентална, како “отља”, која чини 60 до 90 денари. Предлагаме Институтот за тутун да изработи графикон по хоризонтала и вертикала и за новата сорта П- 66, бидејќи таа е најзастапена во Македонија, за да се утврдат количините што ги дава оваа сорта од единица површина. Порано беше еден страк 10 грама, а сега еден страк дава и по 17 грама сув тутун – кажува Милески. 

Според него, и откупните компании имаат резерви кои не им се продадени. Залихата ги јаде и не можат да откупуваат повеќе. Но, со нивни напори, и со слухот на откупните фирми, ќе продолжи негувањето на традицијата на одгледување тутун.

Политиката на субвенционирање од едно евро за килограм откупен тутун ги мотивира земјоделците од година во година да ги зголемуваат површините, па дури да влегуваат во тутунопроизводство и земјоделци кои одгледувале други култури.

Според Милески, во 2011 во Македонија се произвеле 15 илјади, а лани 32 илјади тони. Тутунот е една од стратешките извозно ориентирани гранки. Извозот на тутун и преработки во вкупниот извоз од земјоделско-прехранбениот сектор се движи од 22-29 отсто или во вкупниот ивоз, 4-5 проценти.

Loading