СЕ ВЕЕ МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ 22 ГОДИНИ

Во касарната

Со свечен строј на единиците во касарната “Мирче Ацев” се одбележа 22 годишнината од поставувањето на македонското знаме. На 18 март 1992 година Територијалната одбрана (ТО) ја презеде касарната од ЈНА. Во знак на годишнината, војниците положија цвеќе на споменикот на “Мирче Ацев”.

Тогашниот раководител на ПЕ на Министерството за одбрана Благоја Зероски ги презел од капетанот Предраг Мацура објектите и средствата од ЈНА по десетдневна подготовка.

– Во напната атмосфера, ги презедовме станбениот фонд, стрелиштето Леково, магацините во Кукул, Домот на армијата, Стационарниот центар во селото Славеј и комплексот во Касарната. Тоа беше историски чин, зашто неизвесни беа преговорите. Бевме суверена држава со туѓа војска – ЈНА – се сеќава Зероски.

Сите старешини доаѓале на должност следните денови.

– Сета опрема на ТО остана, а другото го зедоа. Не се подлегнуваше на провокациите – ја доловува атмосферата Зероски.

Поранешниот градоначалник Илија Димоски вели дека тие денови биле круцијални за иднината на земјата.

– Бевме ќефлии што на мирен начин ЈНА ја предаде касарната на  ТО. Војниците на ЈНА беа опремени со модерни алишта, со чисти чизми, со современо оружје, а нашите со стари пушки и облечени кој што нашол од ТО. Нашите војници, ТО и од ЈНА се изгушкаа, се поздравија и со марширање излегоа низ капијата, а нашите војници ја презедоа касарната. На јарболите веднаш се поставија македонските знамиња  – памети Димоски.

Димитар Димитров, првиот командир на вод, заедно со заменикот Љубен Биноски на пистата се потсетија:

– Тоа е минато. Тука беа првите успешни чекори. Сега ја гледам иднината, овде со овие војници – изјави Димитров.

Командантот на Касарната, полковник Жарко Ристески рече дека пионерите на Армијата работеле со исклучителен ентузијазам и имале свест дека создаваат нешто што одамна го немало на овие простори, македонска армија, сон на плејада македонски дејци.

Loading