БИОДИЗЕЛ ОД ТУТУНОТ, НАМЕСТО ЦИГАРИ

Експерти од Прилеп и Италија бараат алтернативи за тутунот

Италијански и македонски претставници на стопанските комори од Македонија и од Венето разменуваа искуства во Институтот за тутун за пронаоѓање на алтернативи за експлоатација на тутунот во производството на биодизел. Италијанците веќе имаат проекти пред ЕУ, а со колегите во Прилеп откриваа можности за вклучување и на ориенталните типови на тутун што виреат во нашава земја.

Филипо Масариол од развојниот сектор на унијата на стопански комори во Венето оценува дека има клима за соработка, посебно преку Институтот за тутун.

– Имаме проекти кои се финансираат од ЕУ. Позитивните искуства ќе можеме да ги поделиме и во Македонија. Нужна е заедничка соработка за искористување на сите позитивни сознанија за тутунот и негово ставање во други цели. Се прават студии, тутунските листови да се претворат во масло, кое може да биде биоенергенс. Тука се и експерти од италијански институти, кои остварија расправа со стручнаците од Прилеп за ползување на сите делови на  растението – изјави Масариол.

Васко Ристовски од нашата стопанската комора смета дека рамковната конвенција на Светската здравствена организација за редукција на продукцијата на тутун е прилично штетна за Македонија.

– Соработуваме со комората од Венето и Институтот од Наполи, во потрага по алтернатива за користење на тутунот, што е мошне важно за Прилеп. Го поддржуваме тутунот, но паралелно не е штетно да се бараат алтернативни замени, тутунот да се користи на друг начин. Една е употребата на тутунот за производството на биодизел – вели Ристовски.        

Loading