“НАЗДРАВЈЕ СО НОВА ЕТИКЕТА”

Претстои поскапување на кафето за 5-6 отсто

Сушата во Бразил двојно ја зголеми цената на кафето на берзите

Утринското задоволство за расонување и будење на сите сетила, кафето, наскоро ќе нî чини поскапо. Кафепијците ќе треба да ги пододврзат ќесињата со пари, бидејќи за скоро време се очекува на производителите на кафиња во Македонија да залепат етикети со нови цени. Потврда дека ќе чини повеќе уживањето во филџан кафе, во навиката да се конзумира горчливо-слаткото задоволство неколкупати во денот, доаѓа од прилепскиот производител на реномираното кафе Елит, од фирмата Ројтем. Оттаму велат дека е неодржлива постојната цена на кафето и дека претстои поскапување.

– Ги трошиме последните резерви на сурово кафе, набавено по стари цени. На светските берзи носечкото кафе во мешавините на кафињата во Македонија, бразилската сорта на кафе, Арабика, достигна астрономска вредност. Цената е зголемена за повеќе од сто проценти. Само последнава недела, бразилската Арабика, поскапе за 25 проценти. Или од 3760 долари за тон, се качи на над 4600 долари. А кафето на 14 јануари го купувавме за 2230 долари – вели Кире Тодороски еден од сопствениците на Ројтем.

Според него нужна е корекција, зашто магацините се речиси празни. Новите набавки можат да се прават за стоотстотно повисоки цени на кафето.

– Кафето нема да поскапи сто отсто, туку цената ќе ја коригираме нагоре само за пет-шест проценти. Тоа е минимален пораст, кој ќе видиме како ќе се рефлектира на пазарот. И новата цена ќе биде на работ на рентабилитетот, што ќе се одрази на профитабилноста, а тоа пак ќе има свое влијание на проекциите за развојот. Но, нужно е да се носиме со конкуренцијата. Нема фирма што ќе може да го издржи подолго време овој ценовен џиновски скок на кафето на берзите. Сите производители се принудени да ги испеглаат и да ги усогласат цените на кафето според новите повисоки берзански индекси. Само времето може да биде различно. Некои фирми од еснафот да одат нагоре порано, а некои подоцна – вели косопственикот Марјан Костадиноски.

Инаку, цените на кафето од најголемиот производител Бразил, кој држи околу 40 отсто од светскиот пазар, растат поради невидената суша на плантажите. Сите очи на фармерите во Бразил се свртени кон небото во очекување на дождови. Се оценува дека, доколку не се освежат  плантажите со врнежи за кусо време, ќе биде доведена во прашање бербата, а цената на кафето ќе се вивне уште повисоко.   

Кафето е енергетски пијалок

Кафето првпат е пронајдено во Етиопија. Една интересна легенда зборува за чуварот на кози Калди, кој забележал дека козите се однесуваат необично живо, откако изеле капинки од околните жбунови. Калди пробал  и забележал дека  капинките му дале зголемена енергија. Монасите кои слушнале за ова овошје, го исушиле да го пренесат до далечни манастири. Ги ставиле овошките во вода, после што ги изеле, а течноста ја испиле да се стимулираат да останат подолго будни за молење.

Кафе плодовите биле транспортирани во Јемен. Оттаму патувало до Турција, каде зрното кафе било печено на оган. Печените парчиња биле здробени и потоа сварени во вода, создавајќи груба верзија на денешниот пијалок. Трговци од Венеција  го донесле во Европа. Пијалокот остро го критикувала католичката црква, оти се сметал за пијалок на ѓаволот. Но, Папата го благословил кафето како вистински христијански пијалок.

Во 18 век кафето го најде патот преку Океанот кон Американците. Растението, транспортирано до Карипските Острови, стана предвесник на над 19 милиони дрвца. Потоа растението стаса до Јужна и Централна Америка.

Индуструјата на кафе вработува повеќе од 20 милиони луѓе, што претставува втора економија по нафтената во поглед на обртот на пари низ светот. Со повеќе од 400 милијарди филџани кафе секоја година, кафето стана најпопуларниот пијалок во светот. 

Loading