ГРАЃАНСКА НЕСОВЕСНОСТ

Центарот на градот, или неговото лице, сјае од чистота. Тоа е прва локација што ја забележуваат странците. Меѓутоа, Прилеп не е само во центарот, туку и населбите на периферијата, при крајот на обележаните градски градежни планови. Таму како да нема правила, ниту свест за одржување на средината.

Фотографијата е пред Заводот за здравствена заштита, и вреди повеќе од илјада зборови. Покрај трафостаницата се поставени контејнери за смет. Додека тие се празни, околу има ѓубре од секој вид. Зарем толку е тешко да се поткрене раката и најлонската кеса да се фрли во контејнерот?! На комуналците не им е работа да собираат смет околу наменските контејнери, а сепак го прават тоа да ја начекаат истата слика наредната недела. Дополнување на грдата слика се и графитите на трафостаницата кои изгледа се “издувен вентил” за тинејџерски “уметнички креации”, кои немаат попаметна работа. Во близина е и дупка во асфалтот, токму пред влезот за вработените во Заводот. При врнежи се полни со вода, и не се знае колку е длабока и колку може да наштети на автомобилот. Санирањето на дупката на патот е лесно, но дупката во свеста на граѓаните тешко се пополнува.       

Loading