ПОУБАВАТА СТРАНА НА АРМ

Во пресрет на 8-ми Март

– Еднаквост е исполнување на задачите со иста ефикасност како машките војници

Од најстарите пишани извори знаеме дека меѓу Викинзите и Хуните, страв сеело племе на жени – воини од Амазон, кои ја знеле вештината на војување подобро од сите машки племиња. Знаеме за жените од Спарта, кои раѓале само здрави машки деца за војување и го оставале мајчинството на страна кога доаѓало време да се брани татковината. Челадта ја праќале во бој со зборовите “Со штитот или на него”, што значело дека подобро да се вратат како победници, мртви или живи, но да не се предадат.

Во долгата и непрекината историја на војувањето, жените секогаш играле важна улога, во позадина за помош на воениот напор со изработка на оружје и муниција или во првите борбени редови, нудејќи медицинска помош на војниците. Од минатиот век, поточно од Втората Светска војна, припадничките на понежниот пол, почнуваат да се борат рамо до рамо со машките војници, стекнувајќи ја нивната почит со храброста во изведувањето на задачите.

По нивните стапки одат и нашите, македонски жени. Во сегашните услови на еднаквост на половите, во глобални рамки, нема војска без жени со разни воени задачи. Тежнеењето на АРМ за влез во НАТО пактот е поплочување на патот за примање на жени – војници, подофицери и офицери во нашата армија за што сведочи и проектот на министерството за одбрана на Р.Македонија за еднаква можност на жените и мажите во МО и АРМ. Меѓутоа, патеката до униформа не е послана со рози. Еднаквоста претставува исполнување на задачите со иста ефикасност како машките војници.

По повод празникот на жената – 8-ми Март, ја посетивме касарната “Мирче Ацев”. Разговараме со три припаднички на АРМ, по една од војничкото хиерархиско стебло.

Младиот водник Васка Пеоска, како професионален војник, кажа дека љубовта да се носи униформа и да се даде заклетва за чување на нешто толку драгоцено како татковината ја натерало да ја напушти родната Демир Капија и стекнатото знаење од средно за автоматичар да го даде како професионален војник за врска во прилепскиот артилериски батаљон.

– Во мене вриеше крвта да облечам униформа. Токму затоа се пријавив за редовен војник со воен рок од девет месеци. Основната обука ја минав одлично, во некои аспекти и подобро од машките војници. Иако има поинаква норма за машките и женските војници, секогаш бев на исто рамниште со колегите. Маршевите, строевите, обуката со огнено оружје… сî ми одеше од рака. Машките секогаш изразуваа солидарност и колегијалност, сакајќи да одмалат од напорната обука, но не го дозволував тоа зашто знаев дека сама треба да се изборам за местото кое го заслужувам. После отслуженото, чекав конкурс за професионален војник, и кога АРМ објави, веднаш аплицирав. Дојдов во касарнава и се стекнав со сегашниот чин. Тоа немаше да се случи ако не беше безрезервната поддршка од семејството. Овде го најдов и сегашниот брачен сопатник, кој е старешина. Во редовните обрврски ми се ракувавање со средствата за врска, преносни или вградени во возило.  Работните задачи, ако ја сакаш професијата се изводливи, колку и да се тешки – кажува професионалниот војник Пејоска, која додава дека животниот стил не í се променил, откако ги обула тешките војнички чизми во 2005 година.   

Во армијата прво се гледа чинот, а со соодветна поставеност кон претпоставените и потчинетите, се создава углед и почитување. Однесувањето по војничките правила е секојдневна битка за добар колегијален однос со воените лица. Сепак, хиерархијата е во прв план во армијата, повеќе од било која професија.

Подофицерот, постар водник прва класа – Валентина Христоска, објаснува дека на работното место се постојано во чизми и униформа, со уредна фризура и без шминка како тоа го предвидуваат правилата во АРМ .

– Тоа се правила кои мора да се почитуваат. Никој не прогледал низ прсти заради полот. Ако има марш, маршираме и ние, а и на вежби исто. Нема никаква предност во армијата ако си жена. Напротив, мора да се биде пример за останатите и да се стекне должната почит. Маршот од 20 км. кој е крај на основната борбена обука е ист за сите. Единствено кога ќе појдам дома нема издавање и извршување наредби – ја објаснува улогата на мајка, сопруга и војник, Христоска.

По вокација е медицински техничар и работела во касарната како цивилно лице. Со трансформацијата на АРМ í била дадена можност со соодветно дошколување, медицинските кломпи да ги замени со војнички чизми. Го прифатила предизвикот и по основната воена обука станала подофицер. Со напреден и борбено – штабен курс во Командата за обука и доктрини, стигнала до чинот постар водник прва класа задолжена за цивилно – воената соработка и односи со јавноста. Ü се допаѓа професијата, со гордост ја носи униформата и успева да ги заврши задачите.

– Војничката професија е тешка, но ако се сака сî се може. Мојата задача е одговорна, како и сите останати во армијата. Воспоставувам врски со владините и невладините организации и соработувам со нив. Редовно доставувам слики и текстови од нашиот батаљон за веб страницата на АРМ. По дадена наредба кога се испраќаат војници при временски или други неприлики на помош на противпожарната единица, учествуваме во приближувањето на војската до народот, па наши припадници се присутни на одбележувањето на празници и други цивилни активности. Секој ден од неделата носи различни задачи и во тековните може да се нареди марш или сл. Вечно ќе го помнам моментот на давањето свечена заклетва дека ќе ја бранам татковината. Тоа не се заборава, зашто има некоја посебност, необјаснива со зборови, која може само да се почувствува. Тој миг ми дава сила да се усовршувам, да ги следам најновите активности од полето на работење. Слободното време го користам како мајка на две деца и сопруга. Тогаш можам да се дотерам и да ја сменам униформата со вечерна тоалета за прошетка – вели Христоска која за во иднина со добрата работа, се надева на повисок чин – наредник.

Во Македонија, народот од секогаш најголема доверба од сите институции имал и има во армијата. Со извршените задачи, дадените наредби и проактивноста на дамите во АРМ, така и ќе остане, а угледот може да бележи само пораст.

Најстара по чин е битолчанката Лујза Стојковска – мајор, началник на секцијата за финансии и буџет.

– Ми беше предизвик да се пробам во оваа типично машка професија и да видам дали можам сама да се изборам за чинот што го носам. Имам завршено Економски факултет, а продолжив со курс за обука во воената академија “Михајло Апостолски”. Првиот дел беше базична обука, ракување со оружје, физичко и ментално тестирање и се што влегува во војничкиот живот. Вториот дел беше специјализиран по студиите што ги имав завршено, а имаше и предмети како воено право, историја и др., односно осум испити, или плус една факултетска година – објаснува мајорот Стојковска, која се прикучила во АРМ во 2001 година со чин поручник. 

Со прекомандите од една во друга касарна, на кои веќе се навикнала и со низа обуки стигнала до сегашниот чин. Во нејзиниот ресор се “парите”, односно правилно и законско распределување на расположливите средства. Ги следи сите промени во овој сектор и секогаш се приспособува на новостите што стигаат од погорните структури на војската. Желбата за успех, поддршката од семејството, постојаното добро работење í дава на Стојковска реална можност за унапредување во потполковнички чин.

Трите припаднички на поубавиот пол, кои животот го посветиле на униформата и тоа што таа значи, се дел од десеттината жени – војници во прилепскиот гарнизон. На сите нив денот им започнува со навремено пристигнување на работното место во униформа, постројување на пистата и кревање на знамето придружено со звуците на војничката труба. Потоа следи слушање на дневната заповед, со што на сите им се даваат задачи за исполнување во денот. Работата ја завршуваат со двочасовни физички вежби и подготовка за наредниот ден.

Трите дами ги оставивме, како што ги најдовме, на работните места, каде со целосен професионализам ги извршуваат наредбите, без потклекнување или најмало непочитување на наредбите.    

Loading