ЕУРОКОМПОЗИТ ЌЕ СЕ ПРОДАВА СО ПОВИК ЗА ПРИБИРАЊЕ НА ПОНУДИ

Му се гледа чарето на загубарот од наменската индустрија Еурокомпозит со сто отсто државен капитал. Компанијата ќе се продава преку јавен повик за прибирање на понуди, а не преку досегашниот јалов метод на тендер. Министерството за економија го менува концептот и нуди нов начин да се приватизира воената фабрика која со години бележи само црвено салдо.

Според Министерството, најпрвин се бара до 2. мај потенцијалните инвеститори да упатат писмо за намери за купување на акциите. Заинтересираните купувачи треба да достават потврда на регистрација на правното лице, краток преглед на претежната дејност и искуството во неа, како и предлог на планирани активности кои би се презеле во капацитетите во наредниот период. Потоа Владата ќе објави повик за прибирање на понуди за продажба на државните акции, на кој ќе можат да учествуваат сите заинтересирани субјекти, со напомена дека пројавениот интерес не е услов за учество во јавниот повик. Предност ќе имаат купувачите со инвестициски планови во модернизација на производството.

Последниот тендер пропадна, иако четири компании подигнаа тендерска документација, а само две странски доставија понуди, кои не беа прифатени оти не ги исполнувале условите.

Со социјален пакет од по 1500 евра, од компанијата заминаа околу 60 работници и сега се ангажирани 308 вработени.

Loading