ПАРИ ЗА РАБОТА НА МЛАДИ И СТАРИ

– Поддршка за практиканство на академци и повозрасни од 50 години 

– Бесплатна обука за возачи на автобуси

Агенцијата за вработување промовира неколку модели за ублажување на невработеноста, од кои особено се атрактивни мерките за ангажирање на млади и стари невработени. Според раководителот Силвана Пашоска, активните мерки се насочени кон ранливите категории, а кои се повторуваат во неколку циклуси во текот на оваа година.

– Основни целни групи кои се опфатени се повозрасните лица од 50 до 59 г. кои потешко најдуваат работа на пазарот на трудот, помладите на возраст до 29 години и лицата кои се долгорочно невработени, а се евидентирани до една година. Мерките се однесуваат на обука со субвенционирање и тоа е по моделот 3+3+12, односно три месеци од Агенцијата лицето добива 5700 денари месечно, потоа три месеци се на трошок на Агенцијата со обврска на работодавачот уште 12 месеци да го задржи на работа – објаснува Пашоска.

Најпривлечна е обуката за возачи од Д категорија, за автобуси.

– Кандидати може да се сите лица со минимум 22 години и положен возачки испит од Ц категорија. Се пополнува формулар да се влезе во списокот за бесплатната обука. И работодавачите да аплицираат, да се знае колку ќе бидат заинтересирани да ги поврземе – повикува Пашоска.

Значајно за младите до 29 г. е обуката за практикантство, која се покажа дека е од интересот кај младите.

– Практикантството е без обврска на работодавачот да го задржи лицето како вработен, а Агенцијата му  плаќа 6 200 денари месечно. Работодавачот само треба да издаде сертификат доколку лицето успешно ја завршило тримесечната обука. Сите млади со високо образование завршено до 2013 година можат да се пријават во центарот за вработување да почнат со практична обука кај различни работодавачи – вели Пашоска. 

Заинтересираните да се јават до 28 февруари.

 Инаку, во тек се седум активни мерки за вработување, слични едни на други. Секоја има посебни критериуми, а бројот е ограничен и зависи од бројот на невработени во општината и од апликантите.

СЕ БАРААТ КАСАПИ…

Во најава е проектот за обука за побарувани занимања, за кој во минатите години имаше голем интерес.

– Секоја година обучувавме по 66 лица. Годинава ќе се обучуваат електроинсталатери, изведувачи на индустриски објекти и преработувачи на месо. Обуката е двомесечна и платена во стручно средно училиште и практична работа кај работодавач со можност за понатамошно вработување.

Loading