ОД КРАЈ В КРАЈ ЗА 20 ДЕНАРИ

Стокмен градскиот превоз

– Три линии и шест автобуси за старт, плус вонреден за градските гробишта

– Распишан тендер за набавка уште на пет автобуси

Од март тргнуваат да превезуваат патници низ улиците шест автобуси на одделот за градски сообраќај на ЈП за Просторно и урбанистичко планирање (ПУП). Цената на превозот ќе изнесува 20 денари, а ЈП ПУП утврди и викенд, неделни месечни и годишни билети за превоз со ниски цени. Автобусите ќе се движат од утринските часови од 6.30 до 23.30 часот од понеделник до сабота, а во недела ќе има редуциран превоз со акцент на секој час да има автобус за Новите градски гробишта.

Стручните служби утврдија три линии со по околу пет ипол километри. Трасите се така конципирани да се вкрстуваат и граѓаните да можат да појдат до одредено место најмногу со едно прекачување. Уште не се утврдени постојките, но се знае дека ќе бидат на оддалеченост од 300 – 500 метри. Едновремено ќе тргнуваат два автобуси на секоја линија од двете крајни дестинации и некаде ќе се вкрстуваат. Едната траса е од Варош до пумпата на Салида, минувајќи низ центарот, па кај крстосницата кај Солидност и кај Чумовчани. Повратната линија ќе оди и до Новите градски гробишта секој ден до 13 часот. Автобусите за другата тргнуваат од Точила спроти Агенцијата Бран, низ ул. “Војводинска”, па Булеварот до Липа, кон “Димо Наредникот”, па на ул. “Александар Македонски” кон фудбалот, па на “Мирче Ацев”, крај Болницата, па ул. “Петта Прилепска…”, сé до пумпата од Лук Оил. И третата линија има старт од зад старото индустриско училиште, од населбата Жабино маало, пред Рампата, свртува десно по ул. “Трајко Николоски”, па на вкрстувањето со ул. “Александар Македонски”, десно до крстосницата кај “Димо Наредникот, па кај Липа пак десно на Булеварот, кон кружниот тек Карпалак, па по ул. “Васко Карангелески” сî до последните куќи спроти Касарните. Во обратната насока, автобусот ќе сообраќа покрај Дабничкиот канал, покрај типската населба и Аличаир и ќе се враќа по дел од ул. “Јоска Јорданоски” до кружниот тек Карпалак, па Булеварот и т.н. Патеките на линиите се околу пет ипол километри и ќе се минуваат за еден час.

Стручните служби информираат дека во óд ќе се прават корекции и измени ако постојните траси покажат ситни слабости. На дел од улиците постепено ќе се подигнуваат покриени постојки со клупи и со информативни табли за времето на доаѓањето на автобусите. На дел од улиците каде што дозволува просторот ќе се изградат и проширувања, автобусите да не предизвикуваат застој во сообраќајот додека земаат или оставаат патници. Возниот ред ќе биде сликовито објаснет со флаери.

Цените на билетите не се економски. Земени се во предвид трошоците потребни за организација на ваков вид превоз, но и моментната куповна моќ на населението. Цените не го покриваат трошокот, но се соодветни на стандардот на граѓаните. Разликите на средства што нема да се обезбедат од билетите, а се неопходни за покривање на трошоците, ќе се обезбедат од други извори како услуги, субвенции, донации, приходи од изнајмување на рекламен простор и слично. 

Се очекува да се инсталира превоз на патници до и од блиските населени места во општината.

Loading