УШТЕ ЕДЕН УСПЕШЕН ПРОЕКТ НА COSV

ПОДДРШКА НА ЖЕНИТЕ РОМКИ ВО ПРИЛЕП, БИТОЛА И РЕСЕН

„Ние живееме од милоста на сонцето, ветровите и водените бури… И не сме свесни колку не знаеме да ги чуваме и поттикнуваме овие извори на нашето постоење, исто како што не знаеме да го развиваме и насочуваме еден друг извор наречен – жена”! Ова е извлечена реченица од записот на суфистот мудрец од Џеда, Али Акбар во кусиот расказ за смислата на нашиот живот.

Деновиве во Прилеп мошне успешно заврши проектот под наслов: „Подршка на жените Ромки во пристапот на пазарот на трудот во Македонија”, што го организира и реализира ЦОСВ.

Овој проект го раководеа луѓе кои несебично се внесоа во остварувањето на неколкугодишниот тренинг на 70 жени Ромки да им ги доближат личните вештини во процесот на барање работа на пазарот на трудот преку информации, делотворни комуникации, договори, самовработувања и слично. Невладината организација ЦОСВ постави многу јасни рамки: Да се стори сî што треба и може, жената Ромка да биде подалеку од шпоретот, од машината за перење, од правошмукалката, но во исто време  поблиску до пазарот на трудот во Македонија каде што ќе се наметнува со знаење, залагање и демонстрирање на клучни вештини до кои низ едукација треба да дојде. Таа не смее да остане на маргините од општествениот, економскиот и културниот живот во средината во која живее, а да не биде дел од поттикнувањето на сервисите за вработување.

Човекот со кого разговаравме на оваа тема, е господинот Алесандро Бота кој по 10 години работа во невладини организации во Италија и Африка аплицираше за проектен координатор во невладината организација ЦОСВ за Македонија, Косово и Црна Гора.

Што за Вас значи работата во невладината организација?

– Уште од првиот ден ми причинуваше голем, несекојдневен предизвик што го прифатив со многу ентузијазам да се соочам самиот себе и околностите во насока на заедничката соработка и културната валоризација на различните делови во општеството, со цел подобрување на условите во кои живееме и работиме – вели господинот Алесандро Бота.

– И не згрешив. Зад мене и зад колегите Гоце Богоевски од Битола и Киро Мачески  од Прилеп, заедно со ромскиот советник Самија Ајдини, како дел од ромското одделение за имплементација на акциониот план, стојат многу добри резултати. Постигнувањата што овие неколку години ги остваривме заслужуваат голема почит. Тоа го потенцираат и самите жени, Ромки, на тренинзите за подобрување на личните вештини во процесот на барање работа на пазарот на трудот. За моите резултати во Прилеп ќе кажат други, а јас ќе кажувам за Прилеп, за добрата соработка со прекрасниот човек каков што е градоначалникот Марјан Ристески, за разбирањата и поддршката, особено од Марјан Матракоски, а со кого остварував дневна соработка. Големо разбирање и помош добивавме од директорката на ОУ „Добре Јованоски”, Виолета Лашкоска, во чие училиште успешно учат преку 800 деца Ромчиња од вкупно 1.300 ученици.

Што значи за Вас работењето во ромската заедница?

– Тоа е пред се ентузијазистички предизвик. Историјата на ромската заедница е екстремно интересна. Но, за жал, не секогаш е добро позната. Ако таа историја се проследи објективно, доволно ќе се каже за ситуацијата во која Ромите се наоѓаат денес. Европската Унија недвојбено го разбира тоа и со нејзиното големо ангажирање за човековите права на малцинствата, како фундаментално прашање, постојано се стреми на креирање и подобрување на условите во средините во општеството каде што живеат Ромите. Ромите се маргинализирани, често потценети, неоправдано настрана турнати, а тие ги имаат подеднакво правата да бидат со другите слоеви од општеството. Во овој проект, за кој ви говорам, даваме проиоритет на жените, Ромки, како наша целна група. Верувам дека постигнавме големи резултати, но исто така и големи очекувања. Поаѓајќи од тоа дека жените имаат круцијална улога внатре во семејството, тие се исто така многу битни и за односите во самото општество. Основното образование почнува внатре во фамилијата, во која мајката ја има главната улога. Затоа е толку важно да ја почнеме оваа благородна акција од жената Ромка, во насока на изнајдување подобри можности за вработување, за самовработување и, воопшто, за општествено и економско ангажирање.

Кои се резултатите од Вашето ангажирање во рамките на проектот?

– Благодарение на соработката со колегите и локалните партнери како што се „ПРЕДА”, ромските невладини организации и општините  во Преспанско-Пелагонискиот регион, изградивме цврста врска со ромската заедница. Повеќе од 50 жени, Ромки се обучени како да се подготват за интервју за работа, да ги подобрат нивните лични капацитети и вештини, документација за вработување и модалитети на договори. Се надеваме дека остваривме спремна целна група за што попрофесионално ниво да има однос кон приватниот сектор во општеството. Изградивме и линкови за соработка со локалните агенции за вработување како многу битни партнери и институционални субјекти.

За перспективите?

– Наскоро стартува нов проект со истите партнери. Овојпат фокусот ќе е насочен кон децата Ромчиња и нивното образование. Ќе настојуваме да го редуцираме осипувањето на младите Роми во основните училишта во Пелагонискиот регион, зошто праксата покажува дека досега од 150 запишани ученици Роми, половината се откажуваат од понатамошното школување. Во овој момент ромската заедница ги зголемува капацитетите за менаџирање на ваков вид проекти, со цел подобрување на професионалните вештини за помагање на најслабите фамилии, на кои се уште им треба поддршка да бидат целосно интегрирани во општеството. Затоа инвестираме во млади луѓе, бидејќи тоа се уште е многу важно. Нам ни е чест да имаме шанса да работиме заедно со локалните партнери на ова многу важно поле – изјави Алесандро Бота.

Loading