СИНДИКАТИТЕ ЈА СПАСУВААТ ЗГРАДАТА НА СИНДИКАТОТ

Отпор против продажбата на зградата на синдикатот

– Замрзнување на одлуката за продажба пред друга акција

– Тој што не градел и не купил нема што да продава

– Нема прилепски објект за скопско чекмеџе

Осум прилепски синдикални раководители бараат од “државниот” синдикат да прекинат сите активности за продавање на синдикалната зграда во Прилеп. Очекуваат известување пред да преземат други активности.

Официјалниот став на претседателот на сојузот на синдикатите Живко Митрески му го пренесле во писмена форма синдикалците Димитар Ѓорчулески од Тутунскиот Комбинат, Кире Бешироски од Холдингот на Тутунски, Ѓорѓи Багески од Здравствениот дом, Бранко Чатлески од Еурокомпозит, Горан Петрески од Полициската станица – Прилеп, Диме Михајлоски од Водовод и канализација, Јане Стојчески од Болницата и Дарко Хаџи Здравески од Поштата.

Зградата на синдикатот со просторот на поранешното кино Работнички пред неколку години била официјално пренесена во сопственост на Синдикатот, а највисокиот орган лани одлучил да се продава објектот.

Реакција стигна и од занаетчиската комора. Претседателот Кире Трпчески вели дека синдикалната зграда е на прилепските занаетчии, а за  начинот како станала сопственост на синдикатот, ќе утврдува Судот.

Синдикалците се загрижени за судбината на синдикалниот имот. Бараат официјално известување дали е вистина дека постои одлука за продавање на зградата на Синдикатот во Прилеп, кој орган на ССМ ја донел и која е причината за продавање на зградата. Осуммината сметаат дека никој нема право да продава синдикален имот, а најмалку зградата во Прилеп, која е од големо значење за граѓаните и за синдикалните организации. И тие потенцираат дека објектот е граден од занаетчиите пред Втората Светска Војна со средства од граѓаните. Таа е подарена на синдикалците за користење без право на отуѓување.

Дознаваме дека деновиве инкогнито стигнал во Прилеп и првиот синдикалец Живко Митрески. Нему му било порачано да не смета дека со продажбата на објектот, прилепските пари ќе можат да завршат во скопското чекмеџе.

Трпчески вели дека Синдикатот во Скопје нема што да продава, кога не градел и ништо не купил.

– Се испитува документацијата. Адвокатите ќе поднесат тужба. Судот ќе утврди чија е зградата. Во меѓувреме, ќе бараме замрзнување на можноста за оттуѓување. Занаетчиската комора е наследник на занаетчиската асоцијација од пред војната, која го градела со донации домот на занаетчиите, како што тогаш се викал овој објект – вели Трпчески.

Гранските синдикати толкуваат дека според статутот на ССМ, претседателството се грижи за имотот и нема ингеренции да го продава, освен ако не се распадне. Некој им го дал на раководството имотот на користење, а не да се стави на барабан. Практика е секаде објектите да не се оттуѓуваат.

Инаку, зградата располага со неколку канцеларии за синдикалците, а останатите се изнајмени, вклучувајќи го и просторот на поранешното кино Работнички. Според имотниот лист станува збор 897 квадратни метри.     

Loading