“СЛИКАЊЕ НА ЛИЦЕ”

Уметност со шминки прави Милена Северкоска

– Мејк ап за дебело и тенко лице и шминка за мажи

Младата Милена Северкоска е дипломец на универзитетот МИТ, отсек безбедност и финансиска контрола, но тоа што нејзе í е на душата нема пресечна точка со факултетската диплома. На 21 година, Северкоска, прави уметност на човечки лица, зашто има дарба за шминка и цртање.

– Цртам, откако знам за себе. Продолжив и во основно и во средно училиште. Естетиката на цртежите и сликите ја забележа професорката по ликовно образование Марта Макеска. Пред матурирањето се консултирав за понатамошното образование. Таа ми даде мудар совет, да се запишам на факултет кој, колку – толку, ветува некоја сигурност за вработување, а сликањето да ми остане за хоби. Тоа ме поколеба да се запишам на факултетот за моден дизајн – кажува за уште несигурниот професионален ангажман, Северкоска.

Како вонреден студент, си дозволува да посетува курсеви, најпрво за цртање кај Александра Богоеска.

– Ненадејно скршнав од патот за сликање кон шминкање. Додека одев на шопинг, секогаш земав неколку различни кармини и шминки. На себе правев импровизација и комбинација на разните бои од шминките. Другарките на шега ме нарекуваат “Милена со очите”, заради мојата екстравагантност, негувана со мејк апот. Наизглед неможно, но успевав да спојам бои кои никој не се осмелил да ги измеша. Добивав позитивни коментари. Се вжештуваше телефонот од јавувања на другарки кои бараа услуга. Шминкав дури и по шест девојки за еден ден. Најмногу во петок, сабота и недела. Стекнав доверба, што една другарка ме одбра за невестинска шминка, наместо некој професионалец. Тоа се должеше на умешноста и наобразбата добиена од часовите кај Небојша Пешевски. Со туторијали од Јутуб и голем број на Фејсбук страници, никогаш не ја преминав тенката линија на кич и естетско екстравагантно шминкање – продолжува шминкерката за полу – профи работењето и собраното учење.

Вели дека, покрај талентот, потребно е и постојано следење на модните трендови. Да се биде чекор пред една сезона. Им се восхитува на “сликарите на лице” Зоран Шурбевски, Даниел Николовски и Арменд Рамадани, водејќи се со идејата, некогаш и неа да ја спомнуваат во оваа конотација.

– Во Прилеп има доста шминкери. Но, професионални, оние кои ги сметам за конкуренција се бројат на прсти. Затоа го отворам сопственото студио “Vintage”. Знам доста за шминкањето, но секогаш има нешто плус да се научи. Со техниката контурирање успевам да го избалансирам лицето кое е дебело или тенко. Во Скопје шминкав и машки за сценски настап. Првиот пат ме обзеде страв од непознато, но подоцна открив дека полесно се шминкаат машки лица – кажува Милена.

Подготвено í е портфолиото за услугите во студиото. Фирмата е регистрирана и на 15-ти овој месец свечено ќе го отвори салонот, кој ќе работи токму со винтиџ, ретро, екстравагантни, дневни и вечерни шминки. Целосно е опремен, а Милена само ќе ја префрли постојната клиентела од дома во студиото. Како млад претприемач, има полна поддршка од родителите, кои í веруваат, а и таа сака да докаже дека се успева самостојно во вакви времиња со труд и работа.

– Шминкањето ми е релаксација. Ме води мотото – Доколку уживаш во работата, нема да имаш ниту еден “работен ден”. Маскарата, карминот, пудрата, сенките и сјајот се алатки со кои си поигрувам додека го исцртувам лицето. Ги усогласувам гардеробата и шминката. Прифаќам сугестии од клиентите, зашто муштеријата е секогаш во право. Ќеф ми е кога клиентот е задоволен. Уште позадоволна сум на забележаната шминка. Тоа носи нови клиенти – завршува Милена со мисли за иднината.

Цените во салонот ќе бидат пристапни. Таа е уверена во успехот и се надева на проширување на студиото и надградба со фризерски услуги.

Loading