КАНАЛИЗАЦИЈА ВО МАЛО КОЊАРИ

Канализационен систем во должина од 5,5 километри почна да се гради во  Мало Коњари. И жителите на Големо Коњари ќе ги заборават септичките јами, а фекален систем ќе се инсталира и во Канатларци, со што, иако надвор од градската средина, во овие села ќе има современи услови за живот.

– Канализациониот систем во Мало Коњари долг 5,5 километри, е инвестиција на Министерството од 17 милиони денари. Ќе вложиме за вакви системи и за селата Големо Коњари и Канатларци. Вкупната инвестиција во трите села е 1,3 милиони евра. Со ова ќе се подобри квалитетот на живеењето на населението – рече Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски на поставувањето камен-темелник на новиот канализационен систем во Мало Коњари.

Лани главно се граделе локални патишта, а годинава се влегува со канализационите системи.

– За наредниве три ипол години ќе имаме канализации за отпадна вода. Продолжуваме со градба на инфраструктурата, асфалтирање на улиците во поголемите населени места, како и до места со малку жители како се селата Полчиште и Бешиште кои ќе се реализираат годинава. Ќе се градат уште еден до два водоводни системи за поголемите населени места. Со ова Прилеп ќе стане една од најурбанизираните општини со квалитетна урбанизација и во местата кои гравитираат кон градов. Изведувач, преку е- тендер е фирмата Маркоски, така што со добар и квалитетен надзор, ќе се гледа во рекордно брзо време да се заврши проектот и да проработи канализацијата – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Во четириесеттина села изградени се 120 километри асфалтен пат. Асфалт на неколку улици добија жителите на Големо Коњари.  

Loading