СЕ КРЕВА СЕРВИС ЗА ПНЕВМАТИЦИ

Фирмата Мотоцентар стави камен темелник на сервисно – продажен центар за гуми од регионален карактер во близина на пумпата на Лук Оил. Според сопственикот Горан Гроздовски, инвестицијата е околу 700 илјади евра. Во првата фаза ќе ангажира десетина работници. Во септември се очекува активирање на центарот.

– Вложуваме во Прилеп да сме присутни поквалитетно и пошироко во регионот, како Битола, Кавадарци, Долнени, Кривогаштани, Крушево, па и Кичево. Прилеп има силен потенцијален пазар со доста висок бизнис ранг. Очекуваме градот и околината допрва да растат. Тоа е плодно тло за бизнис во иднина. Затоа навреме заземаме позиција – вели Гроздовски.

Во сервисно – продажниот центар, покрај продажбата на пневматици, ќе се вршат најразлични вулканизерски услуги на околу 700 м2. Во рамките на објектот е планирана кафетерија за клиентите забавно да им мине времето додека ја чекаат услугата.

На свечениот чин присуствуваше и градоначалникот Марјан Ристески, кој рече дека градот добива супер модерен објект.

Ова ќе биде шестиот продажен центар во Македонија на Мотоцентар.

Loading