БЛУЗ ЗА ДУША, ОД ДУША

– Импровизацијата е убавината

– Како африканските берачи на памук во  САД, Прилеп со тутунарите е роден за блуз

– Финансиски минус и “душевен плус”.  

Младиот студент по психологија, 21 годишниот Давид Нешкоски, место да ги открива тајните на другите души, преку првата љубов и пасија – блузот, ги искажува чувствата на неговата личност.

Извонредниот талент по музика го натерал да се запише во музичкото училиште по клавир. Ама, слушајќи ги акордите на гитарата од децата кои ги подучувал татко му, повеќе го влечеле за срце. Самоук, само по слухот од другата соба, на деветгодишна возраст засвирил на гитара, подобро од сите кои теоретски ги подготвувал татко му.

Душата му ја заробила блуз музиката, која ја засакал уште од првата песна од Џими Хендрикс чуена на Јутуб.

– Стилот ми го оформија групата Стингреј и блузерот Хендрикс. Тие ми ги дадоа цврстите темели на кои се надоградувам постојано. Блузот е како арматура на музиката што ја свирам и создавам. На неа може да се додадат поп, рок, фанк и било која нивна комбинација. Ниту една песна не е иста. Па дури ни една песна изведена по вторпат не звучи исто. Блузот доаѓа од душата, од моментните чувства, па 90 отсто од изведбата е импровизација. Тоа е убавината, но и тежината на блузот – кажува Давид, кој од четврто одделение стигнал во втората постава на единствениот активен блуз бенд “Кросроуд Блуз Бенд”.

За жал, и аудиториумот и изведувачите одат по мејнстрим музиката што се “увезува” од Србија. Таа е лесна, зашто нема личен печат, туку е готов производ.

Давид останал со “Кросроуд Блуз Бенд” до 2011 година, а по излегувањето како солист го снимил спотот Wild Night Out, кој кај блузерите одлично поминал. Бидејќи блузот бара повеќе инструменталисти, Давид го повлекол и Кире Гаралоски за втора гитара и го нашол тапанарот Бенчо од Скопје, со што го формирале “Давид Нешкоски Трио”. Нивната соработка е со хрватската издавачка куќа “Спона продакшн”, од која се задоволни. Од нивното производство се албумот Magical dream со девет композиции и најновиот, кој првпат е и во македонска и во англиска изведба со насловна композиција “Да знам да љубам повторно”, за која е снимен и професионален видео спот. Песните се готови и се очекува главниот спонзор – Витаминка – да го поддржи снимањето на новите 12 композиции. Триото сака овој албум да биде погламурозен од претходните, па се стремат да ангажираат и 20 члена од Македонската филхармонија.

– Да се изработи добар спот, потребно е доста труд. Од почетокот до финалниот производ, амбиентот е турбо. И по 10 часа дневно цел месец. Само снимањето трае седум дена. За убавина на спотот, треба да се поклопат емоциите што ги давам со музиката и сценската изведба, пред камерите. Човек треба да се навикне да не му пречи осветлувањето, тонот, камерите… А, во последниот спот неколку актерски совети ми дадоа и двајца актери од прилепскиот театар. Треба издржливост. На еден концерт за Нова година, прстите ни замарзнаа. По настапот, раката ја топлевме со фен за да ни се пуштат прстите – пренесува надарениот блузер.

Во учество на изработка на квалитетен спот, потребен е ангажман од 20-30 луѓе – техничари, тонци, луѓе за осветлување. Сепак, главен и последен збор има изведувачот. Колку и да се искусни продуцентите, потребно е 100 отстотно присуство на главниот гитарист. Потребно е да му се “дише во вратот” на човекот на миксерот, за целосно да се долови саканиот звук баран од авторот.

– За жал, македонскиот менталитет не го цени своето, додека не се покаже на друго место. Најубав пример беше кога настапувавме во Универзалната сала во Скопје, баш пред британски бенд. Не знаеа од каде сме, а кога им кажавме дека сме Македонци, пријатно се изненадија. Прилепското тло е како создадено за блуз музика. Ги имаме истите услови како и основачите – африканските робови, донесени во САД, каде собирале памук. Таму се станувало рано, се работела мачна рачна работа,  како кај нас тутунарите – објаснува Давид, кој досега со триото бил на неколку балкански турнеи.

За во иднината, “Давид Нешкоски Трио” тежнее да направи поголема европска турнеја низ Германија, Франција, Италија и во други западни земји. Дел од локациите се договорени, а дел треба да се утврдат за едномесечното блузирање низ континентот.

– Успехот на турнејата за мене би претставувал, доколку сме добро прифатени и да нî запомнат за повторен настап – заврши Давид, кој додава дека од љубов кон музиката може и да се биде во финансиски минус, но секогаш во “душевен плус”.   

Loading