БЕЗГРЕШНИТЕ МИНЕРИ СРЕБРЕ И БОБАН

Динамитот е леб во семејството Стојаноски

– Нема поправен за минерите, оти тие само еднаш грешат

“Бегај гори”, викаат колку што ги држи глас 49 годишниот Сребре Стојаноски и неговиот 23 годишен син Бобан во рудникот за мермер Сивец на Мермерскиот комбинат. Тоа е последната опомена за рударите да заземат засолниште пред експлозијата за да не ги повреди некој камен. По неколку минути прва, втора, па трета… детонација “коси” и ја претвора во пепел грамадата од стотици кубни метри. Се треси планината и се разоруваат стените небаре сол. Летаат парчиња мермер во различни големини на сите страни.

Така секој ден по неколкупати. Десетина години Сребре, а веќе неколку месеци и неговиот наследник, се борат со природата да í ја одземат од утробата мермерната срж, бела како млеко.

Со спокојни карактери, кои тешко кој може да ги распламти, двајцата палители, како што ги викаат во рудникот, го минуваат работниот ден полн со демнеж на опасности.

– Со експлозијта се врши откривка, се турка камената покривка, машините лесно да дојдат до душата на планината, до снежно белиот мермер. Минер станав од кеф. Во војска бев артилерец на хаубица. Учествував и во одбраната на конфликтот во 2001 година. Ми лежат на срцето експлозивите во добронамерни цели – вели повозрасниот минер Стојаноски.

Искуството го “искалило стариот волк” да биде претпазлив и внимателен, зашто се работи за сопствениот живот, за животите на над стотина рудари и стотици скапи машини, огромни камиони и опрема во рудникот.

– Ризична професија е палител на мини. Побарав да бидам обучен за минер пред десетина години. Сметав дека е монотона претходната кога бев сечач на мермер со дијамантска жичница. По моите стапки киниса и синот, кој веќе шест – седум месеци создава искуство, откако ги помина сите курсеви, обуки, полагања на писмени, практични и усмени испити – кажува Сребре.

Нема играчка со динамитот. Потребна е комплетна концентрација. Нужно е минерот да е психички стабилна личност. На работата í се приоѓа сосема сериозно, а не како рутина и авантура.

– Нема шеги и мајтапи. За алкохол да не зборувам. Нема пропуштање на дел од пропишаната процедура. Зашто минерот еднаш греши и нема право на поправен испит. Неговите пропусти можат да чинат животи. Не само на својот, туку и на другите рудари, а штетите можат да бидат тешко повратливи по скапата техника за ескплоатација на природните ресурси на мермер – објаснува Стојаноски.

Кажува дека за четири минути треба да го напушти на безбедно растојание просторот каде се минира.

– Се зазема некоја природна заштита од карпа, а рударите се затскриваат во тврди објекти на оддалеченост и до 500 метри. Главно се минира додека рударите ручаат во просториите или меѓу две смени. Зашто, камењата летаат како пердуви. Огромна е силата на експлозивот. Небаре картон се цепат јаловиот дел од стените. Распукува и се одделува масивот со десетиците килограми моќен динамит во каналите, одредени од раководителите. Нужно е да не се оштетат здравите мермерски маси. Сме поставувале и по 200 килограми експлозив, а инаку дневно по околу 20-30 килограми. Количество на динамит го одредуваме да се урни карпата и работниците и техниката да останат не повредени и неоштетени. Го обезбедуваме минското поле со чувари без да има пристап на луѓе и возила. Тие со црвени или зелени знаменца ги враќаат возилата и рударите или ги насочуваат на друга страна – кажува Сребре, кој не крие дека се чувствува вознемирен пред минирањето и по толку години “едно” со динамитот . 

Не би ја заменил работата. Веќе е заљубен во грмежот на мините. Ја работи професијата од љубов и со силна волја. Се радува што неговиот син го наследува во “занаетот”.

Помладиот Стојаноски, Бобан, се дружи со мините поради привлечност кон нестандарни работни места, откако пет години бил кај дијамантската пила во рудникот. Не размислува на грешки. Ангажманот е одговорен и бара лефтерно и концентрирано работење, без брзање.

– Првин ми беше малку страв. Сега сум поизвештен за минирање. Безбедноста е најважна, особено во магливите периоди. Постои можност некој да не се види, да не заскита, да не го слушне предупредувањето, оти рудникот е голем. Времето е броено. Фитилот гори. Нема чекај. За четири минути пешки се засолнуваме, заштитени со шлемови, наочари и чевли. Од силните звуци се браниме со затворање на ушите и со отворање на устата, да се израмни притисокот – кажува помладиот  Стојаноски.      

Стојаноски не треперат и не се колебаат, туку се храбри на предизвикот на разорувањето на цврсти стени со големи размери.

Loading