ЖИВОТ ЗА ЗАНАЕТИТЕ СО ДРЖАВНИ ИНЈЕКЦИИ

Потребна е дополнителна финансиска стимулација на сите занаети, а не само на оние при згаснување со кои некогаш се гордеела и била препознатлива прилепската стара чаршија. Занаетчиството има иднина само ако добие јака поддршка од државата, бидејќи засега со субвенционирање се опфатени само  уметничките и креативните занаети и оние кои се во изумирање. Вака сметаат од Регионалната занаетчиска комора по завршувањето на манифестацијата Денови на занаетчиство која ја реализираа со цел поттикнување на младите да се втурнат во сопствен бизнис и да пронајдат иднина како занаетчии.

– Не се сите занаети опфатени со поддршката. Субвенции има за занаетите кои згаснуваат како влачари, производители на сувенири, ракотворби. Модерните занаети – фризерски, козметички, електросервиси, лимари, немаат поддршка, а во градот околу 160 регистрирани фирми се од оваа дејност.  Имаме најави дека догодина и овие занаети ќе бидат субвенционирани, за да имаат можност за проширување, за набавка на нови апарати. Само со поддршка има иднина занаетчиството оти младите ќе можат да создаваат свој бизнис и да станат свои луѓе нормално со наша помош како Регионална занаетчиска комора – смета фризерот  Крешимир Здравески.

Кирил Трпчески, претседател на Регионалната занаетчиска  комора потенцира дека годинава имало благ пораст на регистрирани занаетчии, иако некои занаети веќе изумреле целосно, заради негрижата во изминатите 20 години.

–  Иако некои занаети изумреа, се раѓаат други кои се продукт на новите временски услови. За жал и последниот казанџија го нема, замина в пензија. Амутчии веќе не постојат. Доаѓаат помодерните занаети кои се начин за егзистенција. Моментно во општината дејствуваат околу 335 занаетчии. Најмногубројни се фризерите, козметичарите, берберите бидејќи имаат слична шифра на дејност и се најзастапени. Максимално, како комора, се обидуваме преку нашето учество во законските измени да направиме чекор во развојот на занаетчиството, бидејќи знаеме дека сé што е вредно од дамнина и е наша гордост е изработено преку занаетите  – вели Трпчески.

Тој посочува дека потребно е младите да се поттикнуваат да размислуваат за нивна идна професија, а токму тоа тие го прават како Комора со организирањето на едукации, презентации, но и со барањата за поддршка од државата.

– Добро е што  Министерството за економија распишува конкурс со кој поддржува занаетчиството. Се одделуваат  1,2 милиони денари годишно за поддршка на нови бизниси. Секој бизнис добива средства во висина од 5000 евра. Годинава проектот е во тек. Но сметам дека висината на средствата треба да биде повисока. Имаме најави дека ќе се зголеми – додава златарот Кире, потенцирајќи дека со општина Прилеп има добра соработка во поглед на промоција на занаетчиството.

Во рамките на манифестацијата  Боро Ѓелев од стакларската работилница ,,Евронова,, беше прогласен за  занаетчија на годината.

Градоначалникот Марјан Ристески пак најави дека наскоро во градот ќе бидат подигнати занаетчиски порти, кои ќе укажуваат на видот на занаетите кои се  во старата прилепска чаршија.

Loading