ТАТКО И ЌЕРКА ВО ЕДНО ОРО

Играорна традицијаво семејството Стојаноски

– Место на фејсбук, во народна носија на оро танцува младата Михаела,  рамо до рамо со искусниот татко Гоце  

Во сегашново, модерно време на социјални мрежи, интернет и секакви медиуми, на кои тешко е да се одолее како млад човек, Михаела Стојаноска, сепак, заедно со татко í Гоце преку народните танци во КУД “Мирче Ацев” го чуваат богатиот македонски фолклор.

“Иницијална каписла” за членството во КУД “Мирче Ацев” бил татко í Гоце, кој влечи длабоки музички корени, преку дедо му Никола, гајдаџија и татко му Васко – играорец.

– Сé се случи спонтано. Како и секое машко дете ме интересираше фудбалот и другите детски палавштини. Но, со сплет на околностите станав играорец. Бев на проба кај братучеда ми и ме бендиса играта каде “нозете не ја допираат земјата” – објаснува Гоце, кој сега има 45 години, а вели дека ќе игра додека го држат нозете. 

Од девет години заиграл. Прво во ОУ “Добре Јованоски”, а после низ ригорозна и голема конкуренција влегол во Друштвото. Тогаш имало голем интерес. Била потребна асолна поткованост за членство во првата постава на КУД-от. Прв учител му бил легендарниот Пеце Атанасоски. Од тогашниот состав од 250 души, останати се 15 играорци, а сегашниот подмладок го води постариот колега на Гоце, Славе Јовески.

– Во првата постава имаме и дете од 11 години, а најстар сум јас со 45. Од почеток, со силна волја и упорност станав ороводец, епитет што го носам и ден – денес. Нема да се откажам од играорството додека држам такт со младите. Не сакам да им сум пречка во играта. Минатата недела ми беше личниот јубилеј, 30 години активно играорство – кажува Гоце, со музичката ДНК длабоко навлезена во крвта.

Вели дека ја прошетал цела Европа по трипати. Не одделува ниедна манифестација, зашто сите биле “прва лига”. Жали што во 2003 година на КУД-от им се дупнал тапанот, па Гоце не поминал преку океанот, во Америка и Австралија. Биле во Мароко, во познатиот град Казабланка, каде според него ги пречекале поубаво од претседатели, на меѓународен играорен фестивал.

– Убави времиња. Три децении полни со дружба, веселба и шетање. Но, нозете не мируваат и не се давам лесно на помладите –  кажува Гоце.

Од двете ќерки, Дијана и Михаела, помладата Михаела ги наследила чекорите на татко си. Ученичка е во СОУ “Ѓорче Петров” за медицинска сестра, но срцето и лиднало по играорството.

– Немав притисок од татко ми за зачленување. Го гледав на настапите кога го водеше орото и ми беше задоволство. Ме влечеше душата по брзите потези на нозете од орото. Кога се зачленував, се борев со силна конкуренција. Пет години бев во подмладокот, а татко ми не знаеше дека сум член. Станавме “колеги” пред три години. На настапите не се гледаме како ќерка и татко, туку како рамноправни играорци – кажува 15 годишната Михаела.

Тргнала со полесни чекори, покротки ора, колку да влезе во чекор. Најлесни и први биле “Црногорка” и “Бувчанско” оро. Потоа доаѓаат тешките, за да се минуваат повеќе чекори. Такви се “Невестинското”, “Пуштеното”. На крај се сплетовите, еден вид на кореографија, каде се поврзуваат повеќе ора во еден настап. Таков е сплетот на ора од источна Македонија, Егејски сплет… Еден сплет трае до 15 минути, а орото обично трае до 4 минути. Многу полесно се заморува играчот од сплетовите, отколку од ората. По толку години тренинг, по двапати неделно, лесно е секое оро.

– Битни се исправениот став, фокусиран поглед и весел изглед. И да те боли забот, нужна е насмевка при играњето. Така велат постарите играорци – објаснува Михаела, на која народната носија – опинците, чорапите, фустанот, везеното елече, доламата, шамијата и унечката í се втора кожа и не í се пречка во учењето, а пак од нив за миг може да се претвори во модерна девојка за в чаршија. 

Стекнала многу другарства во Друштвото, зашто сите се како еден. Заедно со татко í настапувала во странство, Макарска, Хрватска и Кикинда, Србија каде се создале трајни пријателства. Младата Михаела смета дека за добар играорец е потребна првенствено волја, редовни вежби, кондиција, и да се слуша ритамот на тапанот.

Ретки се младите како Михаела, кои решиле Фејсбукот и бдеењето на интернет да го сменат со чување и негување на македонското традиционално оро. Сепак, убавите искуства во минативе три години, даваат надеж дека ќе í се придружат и други играорки.  

Loading