СЛАВА НА СВЕТЕЦОТ НА ПРАВДОЉУБИЕТО И МИЛОСРДИЕТО

Во пресрет на празнувањето на патронот Свети Никола

Со особена почит и возвишено чувство, прилепчани се подготвуваат за чествување на светецот на правдољубието и милосрдието Свети Никола. На 19 декември речиси во секое второ семејство се слави чудотворецот архиепископот Мирликијски, кој е заштитник на сиромашните, болните, на морнарите, односно најголемиот и најпочитуваниот светец меѓу православните прилепчани, кој веќе неколку години се празнува и како патрон на градот.

Празникот ќе започне со вечерна богослужба, за на 19 декември да се одржи утринска богослужба и свечена литургија. Славата ќе се одбележи со принос на бескрвната жртва: леб, пченица и вино и со посна трпеза.

Богата заедничка софра со уникатните посни светиниколски сармички со кои Прилеп се запиша во книгата на Гинисовите рекорди ќе се постави и под отворено небо во центарот. Ќе има и гравче, риба, маслинки, вино и ракија за сите посетители, за што ќе се погрижи годинешниот домаќин, фирмата Микросам. Ќе има и многу изненадувања.

Славењето на денот на светителот, кој не е само личен, семеен, туку и заштитник на градот, прилепчани ќе го дочекаат со молитви за потребите, маките, радостите, за светецот да ги застапува пред Божјиот престол.

Се верува дека Свети Никола ги штител луѓето од секакви неприлики.

Loading