СЕТО ЃУБРЕ ЌЕ СЕ ПРЕТВОРА ВО ПАРИ

– Странци типуваат добар профит и бараат јавно – приватно партнерство

Околу 90 тони ѓубре секој ден и уште дел од оставениот смет со годините во  депонијата кај Алинци, Комуналец ќе го претвора во секундарни суровини со новата технологија на фабриката за преработка на отпад. Или, накусо ѓубрето ќе се претвора во пари. Во третата фаза од инвестицијата, и органскиот отпад ќе се обработува во органско ѓубре за земјоделството, а при процесот ќе се создава  био гас за затоплување.       

Линијата за селекција на отпад е во вредност од 14,7 милиони денари.

Компании од Германија, Италија и Австрија веќе се заинтересирани за јавно – приватно партнерство за новата фаза што ќе се заокружува наредните две години за производство на струја од преработката на отпадот.

Според директорот на Комуналец Златко Ристески, се разговара и се преговара за едниот или двата система.

Тој информира дека фрбриката ќе стартува во септември в година. Во тек е вложувањето во секундарна преработка.

– Следната година комплетно ќе ги завршиме изградбата на халата и монтажата на линијата кај сегашната депонија кај селото Алинци. Линијата е веќе стигната и е сместена на терминалот. Ги мина царинските формалности. Ќе обработува отпад од  90 тони дневно, а линијата  е со капацитет од 150 тони за 24 часа, што во моментов ги нема во Прилеп. Но, остатокот ќе се надополнува со селекција на отпад од депонијата со што се планира за 3-4 години да се исчисти и практично да исчезне сегашната  депонија – вели Ристески.

По оваа инвестиција, до 2015 ќе се гради компостарата за биоразградлив отпад за производство на арско ѓубре. Но овој дел зависи од расположливите средства на претпријатието. Ако дозволуваат финансиите Комуналец се носи со идеја да гради мала фабрика за рециклажа на хартија и фабрика за рециклирање на отпад од градежен материјал. Со овој модел на управување со отпад, Прилеп ќе депонира само  15 до 20 отсто отпад кој не се преработува. За овој смет ќе се гради  санитарна депонија од помал обем за општинава или овој отпад ќе го депонира во најблиската санитарна депонија предвидена да се гради во Пелагонија.

Оценка на градоначалникот Марјан Ристески е дека Прилеп ќе биде најквалитетен град за живеење во земјава со изградбата на канализациската мрежа и пречистителната станица за третманот на отпадните води и со решавањето на отпадот.

Комуналец прв во Македонија ја воведе примарната селекција на отпадот од домовите со поделба на жолти и зелени канти за селекција во домаќинствата.

Loading