РЕАЛНА ПРОЦЕНКА ВО МОНОПОЛОТ

Тутунскиот комбинат ги отвори вратите за предвремениот откуп на тутунот

– Второстепена комисија интервенирала кај 6 – 7 производители незадоволни од проценката

И Тутунскиот комбинат ги отвори вратите за предвремениот откуп на тутунот, откако први стартуваа неколку приватни откупни фирми. Покрај очекувањата на тутунарите, дека монополот кој е во државна сопственост ќе ја стабилизира откупната линија и нема да се кастрат класите на проценка, сепак глобалната состојба со побарувачката на ориенталниот тутун, односно намалената побарувачка, ја диктира просечната откупна цена.

– Објективните околности не ни дозволуваат да бидеме дарежливи како лани. Енормно е зголемено производството на ориентален тутун во соседните земји. Тоа диктира пониска глобална цена. Побарувачката е намалена, заради зголемувањето на акцизите и мерките од СЗО. Во Европа, продажбата е падната за 5 отсто, а во САД за 6 проценти. Овие пазари ги кажувам затоа што таму се пушат цигари со ориентален тутун. Поминавме две убави години, каде се бараше повеќе тутун и се “прогледуваше низ прсти” за класите. Оваа реколта е квалитетна и веќе се истакнати мострите и ниедна компанија не смее да оди против законот. Како резултат на сето ова, ценењето ќе биде поригорозно и ќе биде пониска просечната откупна цена – вели Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунскиот комбинат.

Комбинатот планира да откупи помалку од лани, или 8 милиони евра за 3 000 тони тутун.

– Цениме според мострите и предвремениот откуп почна добро и за откупувачите и тутунарите. Реално го цениме родот според квалитетот – вели Вукашин Трајкоски, проценител од Тутунски.

Тутунарите пак, за разлика од лани, тврдат дека произвеле тутун кој е многу поквалитетен, но откупувачите не даваат класи. Има и задоволни и незадоволни од останатите откупувачи.

– Донесов еден тон тутун и сум задоволна. Сé помина прва и втора класа. Садевме 5 декари. Просечно ни дадоа по 180 ден/кг. Проценителите реално  ја вршат работат – вели Сејдие Салиоска, тутунар.

Некои производители сакаат и без спроводница да го стават родот на вагата, или пак да предадат и влажен тутун.

– Кило спанаќ – кило тутун. Кај го има ова?! Сметам дека 200 денари е реална цена за да се исплатат трошоците за одгледување или со субвенцијата 260 денари. Да не биде сиот 4-ка, барем просек 2-ка да биде сиот. Нема шанси да дадат ,,кец,,, но двојка е реално. Сметам дека според лани, годинешнава проценка не е реална – вели тутунар.

Незадоволните тутунари може да побараат интервенција на второстепената комисија. Производителот може да го остави тутунот во откупната компанија и службено да биде запишан од каде се повикува Комисијата во рок од три дена.

– Досега второстепена комисија има интервенирано кај 6 до 7 производители. Глобите за проценка на тутун под класа се 6000 евра за правно лице и 2000 евра за одговорното лице. Одземање на лиценцата за проценка се предвидува, ако не се остваруваат условите за откуп на тутун. Од раниот и од предвремениот откуп може да се каже дека тутунопроизводителите не се задоволни од некои компании, а инспекторат будно ги следи активностите при откупот – вели Благоја Дунимаглоски, земјоделски инспектор во ПЕ на Министерството за земјоделство.

Инаку, позасилена откупна динамика се очекува по Божик.

ДИМОВСКИ: “ОМЕКНУВАЊЕ” НА ПРОЦЕНКАТА

Строгото придржување кон мострите за проценка на тутунот годинава предизвикува реакции на тутунарите во прилепско. И министерот за земјоделство Љупчо Димовски во Прилеп констатира дека проценката на родот оди според мерилата, но е поостра во споредба со претходните години.

– Проценката главно не е надвор од законот, но апелирам кај откупувачите да ја ублажат линијата за проценка, бидејќи годинава тутунот има висок квалитет. Тутунарите да ја бараат второстепената комисија, родот повторно да им се процени. Незадоволството се должи и на фактот што тутунарите на почетокот од откупот ги предаваат подолните берби. Со отворањето на откупните пунктови на Тутунскиот комбинат ќе се релаксира откупната атмосфера. Тутунот ќе се плаќа по седум дена во законскиот рок, а откупувачите добиваат виза за откуп само со приложување на банкарски гаранции – изјави Димовски.

Тој, со претставници на големите откупни претпријатија, Сокотаб, Алијанса  уан и Струмица табак, ќе изврши обиколка на откупните станици.

За Данчо Милески, претседателот на сојузот на тутунарите, проценката е построга. Тој ги повика откупувачите проценката да ја доближат до ланските мерила, кога просечната цена беше околу 180 денари од килограм, зашто годинава и тутунот има повисок квалитет.       

Loading