ПЕНЗИОНЕРСКО ГНЕЗДО ЗА БЕЗГРИЖНА СТАРОСТ

Блага и Петар Јованоски по 4 децениско работење во Германија се вратија во родниот крај     

– Младите, ако сакаат да работат, да не сонуваат за странство

Не бадијала се рекло дека нема поубаво место од родниот крај и само дома, човек си се чувствува комотно, убаво, среќно и исполнето. А дека тоа е навистина така, на своја кожа го имаат почувствувано брачната двојка Блага (74) и Петар (77) Јованоски кои поминале речиси 4 децении во туѓина, за веќе неколку години, повторно да свијат гнездо во родното огниште. Виделе и превиделе, ја почувствувале ладнотијата на туѓината, заработиле, но решиле пензионерските денови да ги минуваат меѓу своите и низ сокаците каде израснале. Иако имаат убави спомени од Германија и со голем број Германци станале и семејни пријатели, признаваат дека поубаво се чувствуваат дома, меѓу своите прилепчани.

БЕЗ ЈАЗИК, НО СО ХРАБРО СРЦЕ В ТУЃИНА

Во Германија заминале 1969 година во градот Бадтиценбах, место меѓу Улм и Штудгард. Заминал првин Петар кого не успеале да го одвратат татковите зборови да не оди да вади пари кај оние кои “тепале и колеле”. Го охрабрувал брат му кој веќе бил на печалба. За пасош се сликал без да знае сопругата. Заминал сам, а за гаранцијата му помогнал некој Хрват Звонко. Се сеќава како да било вчера на секој детал од посетата на Амбасадата во Белград, на патот  до Загреб, Риека па до Германија.

– Беше понеделник 1 февруари, кога откако малку се одморив и најадов кај едни пријатели, вечерта заминав за Риека. Оттаму заминав за Минхен, каде требаше да ме пречека, но се успал, иако му беше пратена телеграма. Збор не знаев да изговорам, само слушав “цурик” – се сеќава Петар. 

Му помогнале сопатници да се снајде, каде да слезе и го пречекал Звонко, па во понеделникот на 9 февруари, веќе бил во фабриката за мебел од каде си купил и регал кој го донесол во Прилеп. Заработувал 5,7 марки од саат, а работното време било 9 саати.

– Ако не работев саботата, ќе бев болен. Не можев два дена да лежам, зошто ме чекаа родителите, деца. Бев и градежник, имав страв од височини, но после “летав” – објаснува Петар.

Му се придружила и сопругата Блага во фирмата за мебел, која по пет години заминала во Прилеп да ги чува децата. Пред да наполни синот Зоран 16 години го зеле во туѓина. Со голем напор го вклучиле во фирмата. Нормирачот им помогнал со “мастика”. Кога Зоран заработил 1900 марки за месец и половина, рекол дека не си оди од Германија. 

Блага се сеќава дека биле ценети работници, иако не го знаеле јазикот, ги “капирале” наредбите од шефот. Вели дека ако кажуваат сé, ќе се напишело цел ферман од Прилеп до Германија.

МАКЕДОНСКОТО МЕНИ ГИ МАМЕЛО ГЕРМАНЦИТЕ

Судбината сакала да станат угостители во туѓина, а ресторанот во кој имало и сала за 60 гости, го работеле 25 години. Наместо да стартуваат со ортакот Пивчевиќ, сами инвестирале 200 илјади марки. Во почеток им било тешко. Потоа тргнала работата. Ги освоиле Германците со вкусното македонско мени, кои прсти лижеле наспроти сувата храна. “Главна” готвачка била Блага, која го чувала и ќесето во ресторанот. Од касата подеднакво, без забелешки, се задоволувале потребите на сите членови од фамилијата. Заедно работела со снаата која била Германка.

– В зиме, на сабајле им правев топла ракија на Германците, а в лето ги послужувавме со ладна шливка. Ме викаа “Мајко”. Им правев спанаќ, сарми, мусака, тиквиња полнети, погачи, огромни плехови, рано на сабајле пред да почне ручекот. Во 12 часот бев готова и по мене се миеше и чистеше – раскажува Блага.

Во Германија бил и синот Бранко 15 години. По 25 години успешна работа во 2010 го продале ресторанот. За затворањето имале 300 гости бесплатно. Синот Зоран сега купил хотел кој го менаџира внуката Кристина.

ТУЃИНА ФАЛИ, ДОМА СЕДИ

Признаваат дека животот е поубав во Прилеп. Не се пишманат што работеле во странство.

– Си “лафам” со сите в чаршија, ќе си појдам на бавча, од тенџерето има за сите, а во туѓина има само работа и си како пиле затворено – вели Петар.

– За стари не е таму. Не те интересира да шеташ, здравството се плаќа и се чека и по три месеци за преглед. Се чудам кога велат дека во странство е убаво, кој не бил, не видел. Младите ќе појдат и по визбите седат како глувци, како уличари, само да бидат во Германија. Кој сака да работи во Македонија е поубаво. Лесно не се собираат парите. Никој пари не дава без работа – вели Блага.

За Божик го чекаат внукот од Германија, а тие таму одат еднаш годишно.   Пред две години славеле 50 години брак, се сложуваат, се почитуваат и посакуваат здравје за мирни пензионерски денови со синот Бранко, снаата и внуците. 

Loading