ПАВЛЕСКИ ГО “ВЕТИЛ” ПРИЛЕП ЗА ЕЛЕКТРОНИКА

“Постојат добри капацитети на работна сила и следните странски инвеститори во електрониката, односно во лесната индустрија, би ги насочил во Прилеп, затоа што чувствувам дека постои потенцијал за подобрување на економската ситуација”.

Ова го изјави Бил Павлески, министерот за странски инвестиции по средбата со градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на советот Никола Димески и челните луѓе на Регионалната стопанска комора.

Павлески се запозна со општинските планови за економски развој и потенцијалите за привлекување на инвеститори во трите економски и во технолошко индустриската развојна зона Алинци.       

Домаќинот Ристески нагласи дека општината вложува во економските зони, во Прилеп 1, каде се продадени 21 локација.

– При крај е изградбата на инфраструктурата, инвеститорите да почнат со градба на фабриките и да ангажираат околу 2000 работници. За сопствениците на приватни парцели, изготвивме детален план за индустриската зона Прилеп 3. Но, главните очекувања се насочени кон поголема инвестиција во ТИРЗ Алинци –  рече Ристески.

Тој изрази надеж дека за скоро време ќе дојде инвестиција на поголема компанија, гринфилд инвестиција, со апсорбциска моќ за повеќе работници.

– Се анализираат и кадровските потенцијали, содветни на спецификата на инвеститорот – рече Ристески.

СИРИЈЦИ БАРААТ ПЛАЦ ЗА ПРЕДИЛНИЦА НА ПАМУК

Претставник на сириската фирма Топтекс разговараше со таткото на Прилеп за можностите за вложување во индустриските зони за градба на фабрика за преработка на памук до предено и ткаенина, која би ангажирала околу 600 работници.

Махер Ал Малах изјави дека фирмата претендира да отвори фабрика во близина на текстилните центри во земјава за да ги снабдува конфекциите со суровини и репроматеријали и едновремено да биде поблиску до европскиот пазар.

Топтекс е компанија која ангажира неколку илјади работници и годишно врти  околу 20 милиони долари.

Сиријците ја разгледаа фабриката за постелнина со 600 работници, Комфи Ангел која, во поголемиот дел е странско вложување и која речиси целото производство го пласира во странство.

Loading