ВО ПОЧВА БУЦНАТИ 88 ИЛЈАДИ САДНИЦИ

Ниту студеното време, ни слабата снежна покривка не ги поколеба прилепчани да се вклучат во акцијата за пошумување. И годинава масовно учествуваа во активноста популарно насловена “Денот на дрвото – засади ја својата иднина”. Се пошумуваа 22 хектари на месноста Кукул, каде беа засадени 88 илјади дрвца од јасен, багрем и даб. Се садеа садници и на Паркот на револуцијата, а учениците ги збогатија и училишните дворови со нови садници.

– Акцијата за пошумување стана убава традиција, која не само што ги мобилизира граѓаните и ја подига свеста за потребата од заштита на природата, туку и ја разубавува нашата средина и го прави градот позелен и почист – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Според раководителот на подружницата Црн Бор на ЈП Македонски Шуми, Никола Чкрипески есенските пошумувања од традиционалната акција имаат одлични резултати. Успеваат над 80 отсто од посадените садници.

Во акцијата за пошумување наречена ,,Ден на дрвото,, која ја реализира Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Македонски шуми се вклучија и голем број стопанственици кои ја покажаа грижата за идните генерации и за општеството. Од Америка се врати и за мотика се фати и бизнисменот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Тој со задоволство засади туја во паркот, а во гестот несебично му асистираше Златко Ристески, директорот на ЈП Комуналец кој води посебна грижа за зелените површини.

Украсните садници со кои се збогати Паркот на револуцијата, на пролет ќе ја разубават уште повеќе и онака прекрасната глетка на просторот кој масовно го посетуваат граѓаните.

Грижата за животната средина, учениците ја покажаа во кругот на училиштето каде засадуваа нови фиданки за кои ќе се грижат во текот на учебната година. Во акцијата се вклучија и децата со посебни потреби од Дневниот центар.    

Loading